Ако поминувате некое време на социјалните мрежи, сигурно сте виделе видеа од 10-годишни девојчиња како влегуваат во дрогерии и парфимерии, пробуваат шминка и купуваат производи за нега на кожа и убавина.
Овој малку загрижувачки тренд е наречен Сефора кидс (Sephora Kids).
Многу луѓе на социјалните мрежи го коментираат ова:
„Тие девојчиња доаѓаат во групи, не е важно дали се две или десет. Често знаат и да украдат нешто. Главно се тоа тестери, но некој мора да плати и за нив“, коментира една жена.
Голем број мајки не реагираат кога нивните деца ги пикаат прстите во сите тестери
„Кога влегуваат во парфимерија, девојчињата одат од штанд до штанд и ги пробуваат сите шминки.
Ништо не им можеме. Не можеме да ги избркаме, а кога ќе ги предупредиме, можеби некоја од групата ќе се засрами, другите ќе се смеат или дрско ќе одговорат“, додава друга.
Таа смета дека проблемот е што родителите понекогаш не реагираат кога пазаруваат со децата.
„Навистина голем број мајки воопшто не ни трепнуваат кога нивните деца ги ставаат прстите во тестери за сенки за очи, руменило или кармин, кои имаат иста вредност. Некој мора да ги купи тие тестери за да можат да бидат ставени таму“, вели таа.
Трендот е критикуван од дерматолозите
Трендот Sephora Kids се однесува на деца и тинејџерки кои купуваат во продавници за козметика, понекогаш објавувајќи видеа од нивните купувања и рутини за нега на кожата на интернет, по примерот на инфлуенсерките што ги следат.
Се смета дека овој тренд го започнала ќерката на Ким Кардашијан, Норт Вест, која во 2022 година објавила видео од нејзината утринска рутина, која вклучувала маска за лице, маска за усни и тонер за лице. Таа тогаш имала девет години.
Ќерката на Кортни Кардашијан, Пенелопе, исто така споделила видео од нејзината рутина за нега на кожата што повторно станало вирално во ноември, кога било споделено и силно критикувано од дерматологот Брук Џефи.
„Зошто на ова преслатко 11-годишно дете му е потребна шминка и рутина за нега на кожата што е покомплицирана од мојата“, прашала докторката на која особено ѝ пречело тоа што детето користи производи против стареење.
Куповната моќ на генерацијата Алфа
И покрај инфлацијата, козметичката индустрија не бележи пад. Пазарот на козметички производи расте и не е толку чувствителен на кризи. Според податоците на аналитичката компанија Circana, раст се очекува во годините што доаѓаат бидејќи на пазарот влегуваат членовите на генерацијата Алфа, родените во 2010 година и подоцна.
„Престижните производи за убавина, особено производите за нега на кожата, беа на врвот на празничните листи на многу млади потрошувачи во 2023 година и не очекуваме нивниот ентузијазам да опадне во 2024 година“, вели Лариса Јенсен од Circana.
Брендови кои се особено интересни за девојчињата се Rare Beauty, Drunk Elephant, Sol De Janeiro и Glow Recipe. Drunk Elephant се покажал толку популарен кај генерацијата Алфа што неговата основачка, Тифани Мастерсон, изјавила дека „речиси сите производи што ги продаваат се дизајнирани и за деца и за тинејџери“. Сепак, таа додала дека појаките производи, кои содржат киселини и ретиноли, не се наменети за деца.