За само 40 години бројот на стогодишници во Јапонија се зголеми од 1.000 на 90.000: Која е тајната на нивната долговечност?

Еден од 1.500 луѓе во Јапонија, земја со 125 милиони жители, има 100 или повеќе од сто години. Неверојатна информација што ги интригира научниците ширум светот, особено што бројот на долговечни и доста витални жители на земјата на изгрејсонцето постојано се зголемува.

На почетокот на септември годинава беа објавени најновите податоци: дури 90.526 лица се постари од 100 години. Повеќето од нив се жени, 88 отсто од нив, но и бројот на стогодишници од машки пол за прв пат надмина 10.000. Споредено со минатата година, таа бројка е поголема за пет отсто, споредено со 2020 година, земјата доби 5.000 нови стогодишници, а кога првпат беа објавени овие податоци, во 1963 година, имаше само 153. Не толку одамна во 1981 година имаше само 1000 стогодишници…

Оваа година починаа и женскиот и машкиот рекордер, најстарата Јапонка сега има 115 години

Очигледно е дека животниот век во Јапонија е се подолг и подолг, а најстарата личност Фуса Татсуми има 115 години. Во април на 119 години почина Кене Танака, жената која дотогаш ја носеше таа титула. Годинава, во септември, почина најстариот маж дотогаш, 111-годишниот Микизо Уеда, а моментално и најстариот маж во Јапонија, Гисабуро Сонобе, има 111 години.

Јапонија има најдолговечно население од сите земји на Г7 (САД, Канада, Јапонија, Германија, Италија, Франција и Обединетото Кралство) и е меѓу најдолговечните во светот. Пензионерите на возраст од 65 и повеќе години сочинуваат 28 отсто од вкупното население.

Здрава исхрана, физичка активност и посветеност на заедницата
Научниците, антрополозите и нутриционистите причините за се подолгиот животен век ги гледаат главно во навиките кои во многу нешта се разликуваат од оние во земјите од западниот свет. Јапонија, за почеток, нема проблем со дебелината, а нивната исхрана главно се состои од риба, ориз, зеленчук, речиси целосно без црвено месо, поради што поретко добиваат рак и кардиоваскуларни болести. Едно истражување, кое се занимавало со оваа тема, покрај исхраната, го издвоило и нивниот начин на живот, кој главно се врти околу грижата за заедницата, духовноста, физичката активност и ниското ниво на стрес.

Кога за прв пат го објави бројот на стогодишници во 1963 година, јапонската влада на секој од нив им додели симболична награда, сребрен сет за саке наречен саказуки. Како што растеше бројот на стогодишници, стана прескапо на сите да им се дава сребрен комплет, па почнувајќи од 2015 година наместо сребро се користи поевтин материјал, никел.

Тие не сакаат да бидат товар и се обидуваат да останат активни корисни колку што е можно подолго
Но, дарувањето на стогодишниците не е единствениот предизвик со кој се соочува јапонската влада. Со голем број стогодишници и генерално се постаро население во земјата, дошло до сериозен недостиг на работна сила. Неодамна беше објавено дека дури 70 отсто од луѓето на возраст од 60 до 70 години, како и 50 отсто од оние над 70 години, продолжуваат да работат на работното место или да се занимаваат со волонтирање.

Јапонците имаат посебна култура и разбирање за животот и светот, па на подоцнежна возраст кај нив е поизразен стравот да не бидат товар, отколку стравот од смртта. Стравот од мејваку (meiwaku), што во слободен превод значи „да се биде товар“, им е вграден уште од мали нозе, па кога им треба помош во постарите денови, тешко ја прифаќаат. Затоа, јапонските пензионери се трудат да останат активни, корисни, независни од другите и физички и финансиски – колку што можат подолго.

Japonijaдолговечностработатовар