Загадувањето на воздухот може да предизвика аутизам кај децата

Новата студија на израелските научници покажала дека загадувањето на воздухот, особено она предизвикано од издувните гасови од автомобилите и од големите фабрики, може да влијае на значително зголемување на стапката на аутизам кај децата.

Изложеноста на мајката на загадување за време на бременоста, исто така, придонесува за развој на аутизам кај детето.

„Откритието е дека помалите честички, особено најситните честички – ПМ2,5, како и азотниот оксид, кои се создаваат при согорувањето на горивото, успеваат да стигнат до плацентата за време на бременоста преку организмот на мајката и да влијаат на развојот на мозокот на фетусот“, тврдат научниците чија работа на таа тема е објавена во медицинското списание „Брејн медисин“.

Изложеноста на трудниците на загаден воздух негативно влијае на имунолошкиот систем на мајката, а бремените жени и децата се особено во опасност во регионите со екстремно високо аерозагадување, велат научниците.

Тие апелираат да се преземат соодветни мерки за заштита на трудниците од оваа опасност.

„Различни видови на невролошки нарушувања, вклучително и нарушување од аутистичниот спектар, може да се поврзат со овој фактор на загадување на животната средина. Се чини дека времето на изложеност на азотен оксид е клучно, бидејќи изложеноста на споменатите загадувачи во текот на бременоста и во раниот постнатален развој на детето претставува значителен ризик за развој на аутистични нарушувања“, вели главниот автор на студијата, Хајтам Амал од Хебрејскиот универзитет во Ерусалим.

Амал додава дека лицата со генетска предиспозиција за аутизам можат да бидат уште почувствителни на негативните ефекти од изложеноста на азотен оксид.

Студијата опфатила и други загадувачи на воздухот, за кои е откриено дека го зголемуваат ризикот од можен развој на аутизам.

Авторите на студијата предупредуваат дека еден од нив е бензенот, кој се наоѓа во издувните гасови од возилата.

аутизамзагаденостистражување