„Во последно време, преку работа во клиничката пракса, забележавме голем пораст на бројот на деца со предвремен пубертет“, изјавила во интервју за „Независне новине“ Весна Миљковиќ, специјалист педијатар и супспецијалист ендокринолог во Универзитетскиот клинички центар на Република Српска, додавајќи дека медицината не најде начин да го спречи тоа.
„Предвремениот пубертет се дефинира како појава на знаци на пубертет пред осумгодишна возраст, кога зборуваме за девојчиња или пред деветгодишна возраст кога зборуваме за момчиња“, вели Миљковиќ.
Доколку се работи за вистински предвремен пубертет од централен тип, потребно е децата да примаат терапија која го прекинува овој пубертет, објаснува оваа докторка.
„Терапијата е неопходна поради психолошката незрелост на децата на возраст кога се јавува предвремен пубертет, како и порано завршување на растот, што на крајот доведува до тоа децата да не ја достигнат однапред одредената висина, т.н. генетски потенцијал – остануваат пониски отколку што би требало да бидат доколку пубертетот дошол во период кој се смета за физиолошки“, објаснила Миљковиќ.
Според неа, не се познати точните причини за појавата на предвремен пубертет, а освен во ретки случаи, кога причината може да биде тумор на мозокот или некоја од другите ретки мозочни заболувања, кои кај секое дете со дијагноза на вистински предвремен пубертет од централен тип, го исклучуваме со правење НМР на ендокраниумот и хипофизата.
„Со оглед на тоа што бројот на овие деца се зголемува, повеќе фактори влијаат на оваа појава. Медицината не најде начин да го спречи тоа“, објаснува Миљковиќ.
Таа посочува дека пубертетот кај девојчињата и момчињата започнува со појавата на првите пубертетски знаци, кај девојчињата тоа е најмногу растот на градите, но прв знак може да биде и појавата на срамни влакна.
„Момчињата прво доживуваат зголемување на волуменот на тестисите. На сите овие знаци им претходи т.н предпубертетски скок на раст, кога родителите ни кажуваат „дека нивните деца некако наеднаш пораснале во висина“, вели Миљковиќ.
Таа додава дека мора да се нагласи дека е нормално девојчињата да влегуваат во пубертет порано отколку момчињата, а почетокот на пубертетот зависи и од тоа кога мајката на девојчето влегла во пубертет, односно кога таткото на момчето влегол во пубертет.
„Потребно е децата редовно да одат на систематски прегледи кај своите педијатри, а подоцна и кај семејните лекари. Исто така, доколку родителите забележат раст на градите, појава на влакна во пределот на гениталиите или под пазувите, треба да се јават прво кај својот лекар“, објаснила Миљковиќ.
Според неа, научните студии не пронашле врска помеѓу одредени намирници или начини на исхрана со почетокот на предвремениот пубертет.
„Секако дека во иднина треба да ја истражиме појавата на поврзаност на одредени адитиви или други додатоци на исхраната. Постојат јасно дефинирани критериуми, како и дополнителни тестови кои мора да се направат, за да се постави дијагноза на вистински предвремен пубертет. Кога ќе ја поставиме таа дијагноза, тогаш се препорачува терапија“, заклучила Миљковиќ.