Христијан Костовски заминал од Скопје на 16 години откако вонредно го завршил средното училиште. Никогаш не го сакал училиштето и седењето на часови за да слуша работи што не го интересираат. Но тоа не значи дека не го интересирало ништо. Напротив, ги сакал уметноста и психологијата, читал, разговарал со повозрасни луѓе, слушал и ги впивал нивните мудрости и знаења. Се едуцирал самиот себеси, а подоцна во животот завршил и некои курсеви за работи кои го интересираат. Македонија од секогаш му била тесна, а многу рано добил желба да се осамостои и да направи нешто самиот во животот, да стекне самодоверба и самопочит. Денес има 30 години, живее во Марсаскала, приморски град во југоисточниот регион на Малта, работи како проект-менаџер во фирма за организација на настани, а патем, направил и тим од 14 луѓе со кои снима уметнички филмови, за кој тој самиот ги пишува сценаријата и ги режира. Со својот трет филм веќе освоил неколку награди, а заедно со авторот на музиката и мајсторот за звукот во филмот, Кокан Димушевски, ќе бидат утревечер (12.јули) на неговата промоција во Бифе Тафталиџе.
А да, истовремено тоа ќе биде и промоција на првата книга на Христијан насловена како „Земи здив“, со поднаслов „Уметничка еволуција како најголема револуција“, а претставува, како што вели, филозофско-психолошка книга со главно, негови размисли и ставови за животот и за светот. Веќе шест години е во брак со Драгана, својата тинејџерска љубов на која уште на 16 години ѝ понудил да замине со него, а таа прифатила дури 8 години подоцна. Го имаат петгодишниот син Ахил, кој со оглед на тоа што одел во градинка во која се зборува британски уште од седуммесечна возраст, го прифатил англискиот за свој прв јазик па на неговите родители кои постојано му зборуваат македонски, иако разбира сѐ, засега им одвраќа само на англиски.
Христијан пораснал во населба Илинден, во Скопје и иако некој можеби ќе помисли дека нема добри односи со своите родители штом заминал од дома на 16 години,со едно ранче и само 100 евра во џебот, Христијан веднаш го демантира тоа.
„Јас сум во одлични односи со своите родители и се разбира дека имаше малку убедување со нив, особено со мајка ми, кога на 16 години решив да заминам, ама тие ме знаат каков сум, а не сум од оние кои секојдневно се слушаат со родителите. За да ви илустрирам ќе ви кажам дека толку сакав да сум независен и да направам нешто самиот што дури и во една ситуација подоцна, кога со мојот најдобар другар кој ми е сега кум бевме на Малта, имавме само 9 евра, немавме работа, ниту стан или пари за билет назад, не помислив да кажам, ајде, ќе се јавиме дома да ни пратат пари. Сето тоа беше за мене едно незаборавно искуство“, вели Христијан.
Прво заминал во Будва. Се качил на автобус со ранчето во кое имал дуксер, пантолони и 100 евра и заминал. Вели дека првите 2-3 дена спиел во парк, а потоа нашол работа во некое кафуле. Таму секое утро доаѓал на кафе некој повозрасен човек-писател со кој Христијан обожувал да разговара, да учи од него и да ја впива неговата мудрост и знаење. Кога кафулето се затворило, побарал друга работа, па извесно време работел и во градежништво. Потоа се вратил во Скопје и заедно со неговиот најдобар другар, кој сега му е и венчален кум, се мислеле каде да одат.
„Одлучивме да одиме на Малта иако не знаевме никого таму. Заминавме исто како што претходно заминав самиот за Будва. Без договорена работа, без стан, без ништо, само со по еден ранец со нас. Спиевме по паркови, а работа баравме така што трчавме по камионите што поминуваа, ги запишувавме броевите испишани по нивните церади, па им се јавувавме да прашаме дали им требаат работници. Работевме на разни места, па почнавме да живееме во хостел каде што во една соба бевме по 10 луѓе, сите од различни краишта на светот и се разбира, токму тоа и беше интересното. Сето тоа е искуство. Бразилец, Аргентинец, Британец, Сомалиец, ние двајцата Македонци и сите со свои приказни од својата земја, од својата култура и со свои верувања.
Така Сомалиецот ни раскажуваше како тргнале два брода за Либија, па едниот потонал. Тој завршил во затвор во Либија, потоа побегнал оттаму па по бројни патешествија дошол на Малта. Го потпрашував што размислувал и како се чувствувал во тие моменти и за мене овие приказни беа непроценливи. Да „крадам“ од такви искуства, беше најинтересното нешто, па и во мојата книга има многу нешта кои произлегле од тоа“, раскажува Христијан.
Откако нашле работа во убава фирма која се занимавала со организирање на настани, земале и стан, па се стабилизирале. После две ипол години отишле за Аргентина.
„Имав еден пријател Србин со кој работев и тој не праша дали сакаме да одиме во Аргентина каде што требаше да се подготвува прославата на денот на независноста. Се мислевме со другарот и на крај решивме да одиме. Останавме таму два ипол месеци. По Аргентина, првпат се вратив во Македонија после две ипол години. Добив понуда за Дубаи, па заминав таму, но останав само 7 месеци, имав проблеми со ‘рбетот, па бев 10 дена во болница и дали заради тоа, дали затоа што не ми одговараше баш и климата, немам убави спомени и не сакав да останам подолго таму. Потоа отидов во Копенхаген, во Данска, а потоа пак се вратив во Скопје и се оженив. Кога Ахил имаше 7 месеци имаше опција да одиме за Дубаи и за Малта, но се решивме за Малта. На Драгана ѝ реков, првиот пат не сакаше да дојдеш со мене, сега доаѓаш“, се смее Христијан.
И така заминале тројцата и сега се таму. Не било лесно со седуммесечно бебе, ама успеале. Ахил веднаш почнал да оди во градинка која е таму бесплатна, а сега веќе ќе оди во училиште. Неодамна Христијан ѝ отворил на Драгана салон за убавина, каде што таа работи како фризерка.
Откако заминал од Македонија Христијан вели дека добил голема самодоверба и храброст. Сега има тим од 14 луѓе, камермани, глумци, шминкери. Работи полно работно време за голема фирма за организирање настани, а за време на викендите и после работа работи на своите проекти, пишува сценарија, снима филмови, а за да стекне искуство од поблизу, понекогаш и самиот глуми во некои филмови во кои се бараат статисти, бидејќи, како што објаснува, Малта е една од најпознатите локации за снимање на холивудски блокбастери и еден вид на европски Холивуд.
„За првиот филм кој трае 7 минути немав буџет и го направив сам, аматерски, за вториот успеав да составам екипа, иако повторно немав буџет и ништо не беше платено. Тој трае 16 минути и веќе освои некои награди на фестивали. Јас сакам да изградам свој стил и моите филмови се повеќе уметнички, филмови во кои е поважна приказната. Третиот филм чија проекција ќе биде утре во Бифе Тафталиџе, трае 36 минути, а се надевам дека четвртиот ќе биде долгометражен. Јас сум самоук, немам школо но се трудам да се едуцирам, себеси. Затоа и одам кајшто снимаат други филмови, да украдам од занаетот. Многу научив и од актерот кој ја имаше главната улога во третиот филм „Beautiful lie (Убава лага) кој е Британец, а 30 години работи како професор по глума на Малта. За овој филм добивме и буџет, а филмот освои награда за најдобар странски филм на еден фестивал во Италија, за најдобро сценарио, за најдобар актер, за најдобар постер и навистина сум задоволен. Мило ми е што преку еден од моите соработници се запознав и со Кокан (Димушевски) кој ја направи музиката и работеше на звукот на филмот, а сега ќе имаме можност првпат да го изгледаме заедно филмот“, зборува Христијан кој е толку внесен во ова што е во состојба да работи и цела ноќ кога има идеја и инспирација за пишување.
„Си доаѓам во 19-20 часот од работа, со семејството сум, а потоа ќе ги заспијам и двајцата и седнувам и работам. Некогаш седам до 3 ипол-4, а станувам во 7 за на работа, а кога имам идеја не ни легнувам цела ноќ и одам право на работа. Иако тешко се издржува потоа денот, тоа ме исполнува, ме држи во форма“, раскажува нашиот соговорник кој смета дека секој човек треба во текот на животот да напише барем една книга во која ќе ги изнесе своите ставови, својот поглед на животот и светот.
А самиот веќе има уште неколку готови сценарија, па се надева дека ќе добие буџет и за таа цел веќе бил на неколку состаноци со малтешка филмска комисија, каде што имаат програми на кои може да се аплицира со свое сценарио и продукција.
Во меѓувреме, Фејсбук групата „Македонци на Малта“, која ја направиле тој и неговите цимери од периодот кога првпат дошол таму, има 10 илјади луѓе, од кои барем 6-7 илјади се Македонци кои живеат на Малта и си помагаат и контактираат меѓусебе, што било и нејзината главна цел. Христијан пак е на седумдневен одмор во родниот град и има можност да ѝ се претстави и на домашната публика со своите две дела, филмот „Beautiful lie“ и книгата „Земи здив“, иако, колку што сфативме од разговорот, тој самиот ретко го прави ова, едноставно, нема време да земе здив и изгледа дека навистина ужива во тоа.