Светската здравствена организација ја класифицираше зависноста од видео игри како болест, што е уште еден показател дека лекарите, особено експертите за ментално здравје ширум светот, сè повеќе ја препознаваат оваа состојба како нарушување.
Имено, зависноста од игри често може да биде последица на други проблеми – па експертите советуваат да се пристапи со претпазливост кон оваа дијагноза.
Симптомите на зависност од компјутерски игри вклучуваат давање приоритет на игрите на штета на другите аспекти од животот, како што се семејните и социјалните односи, јадењето, спиењето, школувањето или работата. Оваа болест најмногу ги погодува младите мажи кои почесто од жените играат компјутерски игри.
Американската психијатриска асоцијација верувала дека нема доволно истражувања за состојбата да се класифицира таа зависност како болест. Сепак, според Меѓународната класификација на болести, која се користи во светот за идентификување и класификација на болести, зависноста од компјутерски игри треба да се смета за болест доколку негативните последици траат повеќе од една година.
Најџел Хендерсон, претседател на организацијата за ментално здравје Mental Health Europe, изјавил за Euractiv.com дека симптомите кои ја дефинираат зависноста од игри како ризик за менталното здравје може да се прошират на сè што почнува да презема или доминира во нечиј живот.
Хендерсон нагласил дека третманот треба да се фокусира на причините за таквата зависност, а не само на симптомите.
„Често причините ќе бидат многу покомплексни од тоа дека личноста само сака игри“. Веројатно, во основата ќе биде губење на контролата во другите аспекти на животот или општо чувство на безнадежност на личноста која бара бегство во светот на игрите“, рекол Хендерсон.
Причините, според него, може да бидат недостаток на семејна мрежа за поддршка, немање на перспектива за вработување или образование, семејни несогласувања, недостаток на социјални односи или пријатели, за кои „онлајн“ гејмерската заедница може да биде замена.
„Генерално, причините за ова можат да бидат слични на оние во случајот на коцкање, зависност од алкохол и дрога“, рекол Хендерсон.
Набљудувањето на секоја личност и неговите индивидуални околности, а не само општите симптоми, е од суштинско значење за лекување на зависноста од игри, исто како и за другите ментални болести, рекол Хендерсон.
„Организацијата Mental Health Europe е секогаш претпазлива кога зборува за дијагнози бидејќи тие може да имплицираат етикетирање“. Но, човек не е дијагноза“, вели претседателот на таа организација.
Хендерсон нагласува дека е важно прво да се бара причината за проблемот, наместо да се обидуваме да ги третираме „симптомите“.
„Ние не сме против дијагностички прирачници, навистина знаеме дека тие можат да бидат од голема корист за лекарите и тие се важни во помагањето на земјите да развијат одговорни здравствени системи. Сепак, треба да ги правиме и да ги користиме со претпазливост“, смета Хендерсон.
Болница за лекување од зависност од видео игри
Во Јужна Кореја, каде зависноста од интернет стана голем проблем, првата болница за зависност од интернет и видеоигри беше отворена во 2011 година. Болницата Save Brain ја води д-р Ли Џ. Вон, кој објаснил дека третманот започнува со скенирање на мозокот на пациентот, ставајќи десетина електроди на него, со цел да се види колку одредени зони отстапуваат од нормалното функционирање, пренеле француските медиуми.
Откако ќе се постави дијагнозата, на пациентите им се даваат антидепресиви и им се препишува терапија за поправање на мозочната дисфункција заснована на лекување на недостаток на внимание, односно, хиперактивност.
Ли смета дека постојат два типа на „веб“ зависници – оние кои се повлечени, кои претпочитаат виртуелна анонимност од реалноста и оние кои се привлечени од насилство и илузија на моќ на „мрежата“.