Во 2020 година се бележи исклучително низок опфат со МРП вакцината на национално ниво, од 63 отсто за прва доза и 68,5 отсто за втората доза. Министерството за здравство и здравствените установи кои спроведуваат вакцинација, во напорите за засилување на вакцинацијата успеаjа да го зголемат опфатот во 2021 година, така што за прва доза МРП вакцина тој изнесува 70,4 отсто, а за втората доза 80,4 отсто. Но, сепак овој опфат е далеку од потребниот процент од 95 отсто вакцинирани лица за постигнување на колективен имунитет и заштита во заедницата.
Ова денеска го истакна министерот за здравство Беким Сали на прес-конференција што се организира, како што рече, во пресрет на Европската недела за имунизација, која традиционално се одбележува последната недела од април, а воедно и да го означат почетокот на заедничка кампања со УНИЦЕФ за потенцирање на важноста на редовната имунизација, како најдобра превентивна мерка за заштита од заболувањата.
Се надеваме, посочи Сали, дека ќе допреме до што е можно повеќе родители и ќе ги поттикнеме навремено да ги вакцинираат своите деца. Потенцира дека сите вакцини кои се дел од националниот Календар за имунизација се достапни за секое дете и се клучни за заштита на нивното здравје.
„За разлика од 2020 година кога во неколку општини се евидентира опфат под 50 отсто, во 2021 година опфат под 50 отсто се бележи само во Куманово. Воедно, за разлика од 2020 година кога висок опфат се регистрира само во Берово и Пехчево (100 отсто), во 2021 година висок опфат со прва доза МРП, освен во Пехчево (100 отсто) се бележи и во Прилеп 98 отсто, Кочани 95,5, како и во други градови. Инаку, МРП вакцината бележи најнизок опфат, во споредба со сите останати вакцини, така што посебен фокус ставаме на оваа вакцина и заштитата од овие заболувања (мали сипаници, рубеола и заушки)“, рече Сали.
Извор: МИА