Жена во Уганда роди близнаци на 70 години: Сафина е најстарата личност која станала мајка во Африка (ВИДЕО)

Државјанка на Уганда, која има 70 години, родила близнаци, по вештачко оплодување. Новопечената мајка живее на село во областа Масака, околу 120 километри западно од главниот град Кампала, јавуваат тамошните медиуми.

Според нејзиниот лекар Едвард Тамале Сали, кој ја следел бременоста и породувањето со царски рез, тоа е несекојдневен подвиг. И родилката, по име Сафина Намукваја, раѓањето на своите близнаци го нарече – вистинско чудо.

„Мајката и децата – девојче и момче, се во добра здравствена состојба и се набљудувани во болницата во Кампала“, изјавил докторот.

Како што пренесува канал NTV, Сафина ја родила својата прва ќерка пред три години.

Инаку, Африканката немала деца со својот прв сопруг, кој починал во 1992 година, поради што ја нарекле „проколната“ во нејзиното село. А, вториот сопруг, кого го запознала во 1996., сега не присуствувал на породувањето.

„Тој исчезна кога дозна дека носам близнаци. Откако ме примија овде, не се појави“, вели Сафина.

Не е објавено дали бременоста е постигната со туѓа јајце-клетка или жената ги замрзнала сопствените јајце-клетки додека била во репродуктивна возраст.