Како што стануваме свесни за карактеристиките и симптомите, препознавањето на АДХД станува полесно, особено кај децата. АДХД е состојба која влијае на однесувањето на една личност, особено на вниманието, хиперактивноста и импулсивноста. Иако АДХД порано стереотипно се поврзуваше со непослушни или немирни деца, сега знаеме дека состојбата е многу посложена.
„Нарушувањето на хиперактивност и дефицитот на внимание или АДХД, е невро-развојно нарушување кое влијае на вниманието на една личност. Лицето кое го има обично доживува тешкотии со вниманието, хиперактивноста и импулсивноста, иако е можно да се бори со симптоми од само една од овие категории“, изјавила психологот Деб Томпсон за Mirror.
Моделите на АДХД не секогаш изгледаат исто кај секое дете, но „секое дете со АДХД веројатно ќе се соочи со единствен збир на тешкотии“, објаснила неврологот Џорџија Хронаки.
„На пример, едно дете може да има потешкотии да го задржи вниманието на часот, додека друго може да има потешкотии да управува со емоциите“, вели таа.
АДХД може да ја наруши самодовербата и да предизвика депресија и анксиозност
Д-р Томпсон како најчести симптоми кои родителите можат да ги забележат, ја издвојува неможноста да се седи мирно без нервозно движење, прекумерна немирност, непријатност за време на тишина, тешкотии при вклучување во потивки активности, импулсивни реакции или правење работи без размислување за последиците. Друг знак е заборавањето, како и ситуации во кои детето губи предмети и има тешкотии со помнење на задачите.
„Замислете дека навистина сакате да се фокусирате на домашната задача, но вашиот мозок не ви го дозволува тоа.
Замислете дека навистина сакате да седнете и да гледате ТВ програма, или да седнете и да јадете оброк, или да седнете и да се опуштите, но вашиот мозок не ви дозволува. Светот може да биде многу фрустрирачко место за младите луѓе со АДХД, особено ако не разбираат зошто нивниот мозок функционира така. Поради ова, состојбата може да има негативен ефект врз вашето дете, да му ја нарушти самодовербата и да предизвика депресија и анксиозност“, вели д-р Томпсон.
Ако мислите дека некој од овие знаци влијае на вашето дете или сте загрижени дека тоа покажува симптоми на АДХД, треба да побарате стручна помош.