Знаете ли како ќе му го уништите животот на своето дете? Навикнете го секогаш да добива сè што ќе посака. Неговите желби постојано ќе растат бидејќи лесно се исполнуваат, а вашата беспомошност порано или подоцна ќе ве присили да одбиете. Него пак ненавикнатоста на одбивање ќе го мачи многу повеќе отколку ускратувањето на она што го посакува“, рекол Жан-Жак Русо.
„Зошто француските деца не фрлаат храна?“ Всушност, тоа е наслов на одлична книга од американски автор со париска адреса, кој откако го набљудувал воспитувањето на американските и француските деца, забележал значајни разлики. Додека, како што вели тој, американските деца се постојано во драма, француските деца се трпеливи.
Оваа книга нè учи зошто попуштањето е лошо, како да ги научиме децата на трпение, како да избегнеме напади на бес и да ги спречиме повеќето идни сцени што ги предизвикува дете без поставени граници (поубав термин за разгалено дете).
Таму ќе најдете одговори на прашања како:
Зошто некои деца врескаат секунда откако нема да добијат нешто?
Зошто на некои деца им е потребно постојано да се забавуваат?
Зошто некои деца не можат да седат мирно во ресторани ниту пет минути?
Најголемата стапица на родителството е задоволувањето на детето. Оптимално е родителот да постави граници, а потоа во рамките на тие граници да му даде на детето слобода да си игра и да прави што сака.
Ако скокаме на секоја ситница, на секоја поплака и желба, им дозволуваме на нашите деца да ги насочуваат нашите животи и да бидат бебешки шефови кои ги одгледуваат своите родители, наместо родителите да ги одгледуваат своите деца.
Зошто децата го прават сето погоре наведено? Затоа што се разгалени. Некои родители ќе се навредат и ќе речат дека сум премногу строга, премногу традиционална и грозна, нарекувајќи го својот стил на родителство слободен и без граници. Но, нивниот тип е она што ние останатите го нарекуваме разгален тип.
Можеби сте слушнале за терминот „приврзано родителство“. Ова е друго име со кое „слободните родители“ сакаат да го нарекуваат воспитувањето без воспитување.
Но, тој термин е навредлив за другите мајки, бидејќи не се ли сите мајки приврзани?
Само затоа што некои луѓе не скокаат околу своите деца како кловнови, не значи дека ги сакаат помалку. Покрај тоа, тие подобро ги подготвуваат за нивната среќна иднина бидејќи се научени дека нема да добијат сè во животот веднаш и дека светот не се врти околу нив. Ова на крајот ги прави посреќни и помалку фрустрирани во зрелоста.
Ако го поштедите вашето дете од какви било непријатности со преревносна грижа, го приготвувате за живот полн со беда. Затоа, добро е да не се спречува секое паѓање, секоја модринка, секоја солза и единица. Не се мешајте во детските расправии на игралиштата, не им ја пишувајте домашната задача и не им го чистете нередот. Во иднина, никој веројатно нема да ги заштитува или да ги служи, освен ако станат Бијонсе и имаат цел персонал околу нив.
Одличен пример за учење на трпение кај дете е подготовката на колач од јогурт, т.н. Gâteau au yaourt.
Овој едноставен колач не може да се расипе, па затоа е идеален за готвење со деца.
Децата трпеливо ги мерат состојките во чашки за јогурт, потоа го печат колачот и чекаат додека да биде готов за јадење.
Готвењето како игра навистина функционира! Иако Мина сè уште нема ни три години, често готвиме со неа. Таа ни помага да ги измешаме состојките, да ставиме нешто во тенџерето и неодамна ја испече својата прва пица со нашите упатства! Беше толку возбудена што можам да го споредам тоа со мојот прв состанок во животот.
Пред некое време, по којзнае кој пат бевме во ресторан со неа, и откако нарача, таа трпеливо седеше и чекаше на својата храна. Дури и кога ја прашав дали сака да прошетаме бидејќи поминало доста време, таа рече „не, мора да почекаме тука“. Таа јадеше сè мирно и трпеливо, претпоставувам како француските деца.
Текстот е од ТУКА.