Зошто децата лажат? Дете кое не се плаши од родителите никогаш не го прави тоа

Колку и да се трудите да воспитате чесно дете, неизбежно е во одреден момент тоа да се обиде да скрие нешто, па дури и да излаже. Михаил Лабовски, според магазинот Форбс, еден од најпознатите психолози на денешницата, за порталот Littleones, се обидел на сопствен пример да објасни зошто децата воопшто лажат.

„Отсекогаш ја контролирав ќерка ми. Кога имаше 14 години, ми рече дека ќе преноќи кај нејзината пријателка Ана. Ме праша: „Нема да им се јавиш на нејзините родители и да ги разбудиш за да провериш. Не си таков човек, нели? Секако, не се јавив на никого. Поминаа години, ќерка ми порасна, а неодамна се сетивме на таа ситуација. Ми призна дека тогаш не била кај Ана,туку во ноќен клуб. Никогаш не се сомневав во неа. Мислев дека знам сè. Но, ако му дозволев на моето дете да избира и да донесува одлуки, таа ќе ми кажеше дека сака да оди во ноќен клуб, а јас ќе ѝ кажев не“, се сеќава тој.

Со други зборови, Лабовски вели дека потребата за лажење и криење се јавува поради страв.

„Детето кое не се плаши од своите родители и од последиците од своето однесување, бидејќи има можност самото да проценува и да носи одлуки, нема да лаже. Малите деца не лажат, тоа започнува со возраста затоа што се принудени и се плашат од последиците“, порачал тој.