Ако и вие се прашувате зошто вам ви треба толку време за да го подготвите вашето дете за во градинка, додека воспитувачките успеваат многу побрзо да ги спремат сите од групата, еве објаснување. Прво е, се разбира, она објаснување дека овие деца немаат во близина родител, а позната детска навика е попрво да послушаат странец на улица, отколку својот родител. Но, тоа не е се. Воспитувачите мора секогаш да развиваат нови методи кои ќе им помогнат да ги научат децата на нешто, да бидат ефикасни и брзи, а сето тоа да го постигнат без воена дисциплина, туку преку игра и забава. Така, секоја година тие се соочуваат со предизвикот да го најдат вистинскиот пристап кон секое дете поединечно, и се чини дека се доста успешни во тоа. Воспитувачки открија за порталот Bright Start зошто е тоа така и која е нивната тајна.
Воспитувачките не дозволуваат да се губи време
Зошто вашето дете е толку отпорно на секој ваш обид наутро да излезете навреме од дома, но кога тетката во градинка ќе каже само еден збор, веќе е на нозе и подготвено да излезе? Објаснувањето е едноставно – кога наставничката ќе каже нешто, детето многу добро знае дека тоа и го мисли.
„Искуството покажува дека родителите често им кажуваат на своите деца дека, на пример, време е да се вратат дома од роденден, игралиште или пазарење, а потоа тие самите застануваат да погледнат нешто, да поразговараат со некого или едноставно да не му одолеат на детето и неговите бескрајни молби да останете уште малку. Мора да бидете доследни и пред се да го почитувате тоа што самите го кажувате, а потоа можете само да го очекувате истото од детето“, објаснува воспитувачката Барбара Рот.
Рутината е клучна за квалитетен сон
Апсолутно е неверојатно како на вашето дете му требаат идеални услови за да спие дома – треба да ја затемните просторијата, да го исклучите телевизорот, да легнете до него и уште и да му раскажувате или да му потпевнувате. А во градинка во соба со уште 20 деца спие без проблем.
„Тајната е во групниот ефект. Имено, вашето дете е со други деца кои го прават истото, па едноставно е полесно да прифати дека е време за попладневна дремка“, објаснува воспитувачката Џени Рафаели.
Како што советува, клучот е да ја воведете истата рутина дома и да се држите до неа. Половина час пред да заспие, не правете некоја активност која ќе биде многу интересна за детето или која случајно ќе му го подигне адреналинот. Следно, креирајте рутина – истиот час, исто време, истите очекувања и резултатите ќе дојдат.
Начинот на кој зборувате е исто толку важен како и она што го кажувате
Дали вашето дете не обрнува внимание на вас кога зборувате со него? Без разлика на се, никогаш не кревајте глас, предупредуваат психолозите. Ако случајно му кажете нешто, а не ве слуша, обидете се да му кажете на смирен начин и внимавајте на реакцијата на детето. Воспитувачите користат секакви техники, па наместо да викаат, тие пеат, шепотат и често користат визуелни помагала или гестови за да го привлечат вниманието на децата. Дозволени се сите трикови и се е подобро од викање за детето да ве слушне.
И штом ќе успеете да го привлечете неговото внимание, веднаш кажете му директно што треба да направи. Не кажувајте, на пример: „Ако не се симнете од масата, ќе се повредите“, туку кажете: „Тргни се од масата“, а потоа објасни му зошто.
Чекањето во ред и споделувањето играчки не е трауматично
Како возрасни разбирате дека понекогаш треба да чекате во ред за да добиете нешто што го сакате или ви треба. И тоа не е проблем, освен ако некој не се обидува да влезе пред вас. Децата ги имаат истите очекувања кога станува збор за фер однесување. Повеќето од нив се подготвени да споделуваат и да го чекаат својот ред, се додека мислат дека системот функционира .
„Кога две деца се караат, ние им кажуваме дека со расправија и викање нема да се реши проблемот, туку само уште повеќе ќе плачат и ќе се налутат. На детето кое е вознемирено треба да му се објасни ситуацијата и да се понуди конструктивно решение. Ќе се смири бидејќи знае дека имате намера да го сослушате. Имено, децата во градинка учат да чекаат ред и да делат играчки со другите деца, а поради правилниот однос на нас воспитувачите тоа воопшто не е трауматично искуство за нив“, изјавила воспитувачката Аманда Џонсон.