Зошто е важно често да ги гушкате децата: Допирот на мама и тато има неверојатно влијание врз најмалите

Сигурно ги гушкате вашите деца секој ден и нема потреба некој да ви кажува дека треба да го правите тоа – едноставно, сакате и треба да ги гушкате вашите малечки, што е сосема природно.

Сепак, бидејќи има толку многу луѓе кои ги советуваат родителите да не го „навикнуваат бебето на раце“, а подоцна даваат совети како оној „не го гушкајте толку, ќе го разгалите“, ви пренесуваме неколку научни факти зошто е важно редовно да ги гушкате децата, а кои ги изјавила неврологот Олга Келн за 7ya.ru.

Нежниот допир го стимулира растот на бебињата

Допирот игра важна улога во физичкиот развој на новороденчињата, а влијае и на тоа бебињата да добиваат поголема тежина. Едно истражување спроведено во 1957 година покажало дека десет дополнителни минути физички контакт дневно значително го намалуваат повраќањето кај бебињата.

Во 1986 година, друга група научници истражувала како стимулацијата со допир влијае на предвремено родените бебиња, а резултатите покажале дека благодарение на физичкиот допир, овие бебиња напредувале побрзо во однос на тежината и развојот.

Научниците веруваат дека за ваквите резултати веројатно е одговорен окситоцинот, хормон поврзан со доверба, сигурност и љубов, кој се ослободува при физички контакт.

Кога нивото на овој хормон се зголемува, се зголемуваат и другите хормони кои влијаат на растот.

Земајќи го превид сето кажано, допир или прегратка го стимулира ослободувањето на окситоцин во мозокот, стимулирајќи го растот на малечкото.

Допирот влијае на менталниот и физичкиот развој на децата

Покрај тоа што влијае на растот и зголемувањето на телесната тежина, допирот има значително влијание и врз менталниот и физичкиот развој на децата.

Истата студија која покажала дека предвремено родените бебиња напредуваат побрзо со допир, исто така, покажала дека тие се подолго будни и поактивни, имаат подобри моторни вештини, ориентација и општо однесување. Овие ефекти биле долготрајни – кога биле тестирани повторно на осум и на 12 месеци, тие и понатаму имале подобри резултати во однос на контролната група.

Неврологот наведува дека детето дознава за светот и животот од самото раѓање првенствено преку допир, физичкиот контакт со родителите за него игра многу важна улога и го стимулира мозокот на децата, влијаејќи на развојот.

Им помага на децата да бидат здрави

Окситоцинот, хормонот кој се произведува при физички контакт, добро влијае на здравјето и на тој начин им помага на бебињата полесно да се борат против инфекциите.

Како што покажало едно истражување од 2011 година, овој хормон помага дури и при повреди, така што тие побрзо заздравуваат.
Дополнително, друго истражување кое го испитувало ефектот на прегратките и поддршката врз подложноста на луѓето на инфекции и болести на горниот респираторен тракт покажало дека прегратките го намалуваат ризикот од инфекција и ја прават поблага кога ќе дојде до неа.

Прегратките им помагаат на децата подобро да се справат со стресот

Децата плачат за да укажат на нивните незадоволни потреби, а доколку не се одговори навреме, децата доживуваат стрес, вели неврологот.

Како последица на стресот се зголемува нивото на хормонот кортизол, а бидејќи малите деца не знаат како да ги регулираат своите емоции, доколку родителите ја игнорираат ситуацијата, нивото на овој хормон може да стане толку високо што лошо влијае на физичкото и менталното здравје на најмалите.

Меѓутоа, прегратките го активираат ослободувањето на окситоцин, кој го намалува нивото на хормоните на стресот, заштитувајќи ги најмалите од негативните последици на стресот.

Исто така, честите прегратки можат да му помогнат на детето да развие вештини за саморегулација и да изгради емоционална стабилност.

Физичкиот контакт помага да се изгради доверба
Основата за градење силна, блиска врска е довербата, а на нивото на доверба влијае хормонот окситоцин кој се ослободува со физички контакт – ова е заклучокот на студијата од 2008 година. Една година подоцна, друга студија покажала дека окситоцинот ја зголемува субјективната перцепција за сигурноста во некој однос, го намалува стравот и ја зголемува довербата во другата личност.

Доколку денес не сте го прегрнале вашето дете, ова се многу добри причини да го направите тоа веднаш.

допириконтактпрегратки