Во петокот околу 20 часот, Џулија Фостер и нејзиното момче Брендон се подготвувале да уживаат во шише вино во италијанскиот ресторан Виа Карота во Њујорк. Двојката била разделена со недели додека Брендон патувал поради работата и ѝ се радувале на романтичната вечера со свеќи.
Резервацијата ја направија еден месец порано. Фостер сонувала за рижото, а Брендон за бранцин. Но, нивната вечер од соништата се претворила во вистински хорор.
„Нечие дете се жалеше затоа што на менито нема пилешки медалјони. Имаше излив на бес“, изјавила Фостер за The Post.
Родителите на детето продолжиле да ги пијат своите коктели.
За парот уште поиритирачки било тоа што петгодишното дете цело време било залепено за својот ајпод.
Забрана за деца помали од 10 години
Претходно овој месец, ресторанот Nettie’s House of Spaghetti во Њу Џерси објави дека повеќе нема да служи деца под 10-годишна возраст. Таа вест се прошири низ светот и ги подели и родителите и оние без деца. Многу ресторани во Њујорк биле воодушевени од контроверзната објава. Тие велат дека ручек или вечера во „Големото јаболко“ е искуство за возрасните.
„Да сакаа да јадат ќофтиња или виршли опкружени со деца кои врескаат, ќе резервираа место во ресторан во предградието“, е еден од многуте коментари.
„Кога излегувам да јадам, особено во пофините ресторани, се надевам на софистицирано искуство. Кога има деца, тоа не е така. Политиката за забрана на деца веројатно би ме привлекла во некој ресторан“, вели Фостер.
Угостителот Џон Мекдоналд не ги дискриминира децата, туку се труди побрзо да ги услужи, за брзо да си заминат.
„Во моите ресторани даваме се од себе семејствата со деца да не останат подолго на масата. И јас имам два сина на возраст од 5 и 7 години и не би одел во ресторан со нив на вечера во 20 часот, бидејќи може да се однесуваат лошо што негативно би влијаело на гостите на масите околу нас“, вели Мекдоналд за The Post.
Проблем со децата кои пребаруваат
Некои тврдат дека децата од Њујорк се особено проблематични. Поранешна келнерка во луксузен италијански ресторан во Бруклин вели дека настанувал хаос кога на вечера доаѓале семејства.
„Еднаш едно 6-годишно девојче почна гласно да плаче бидејќи на менито немаше октопод. Родителите размислуваа што можат да направат, а детето плачеше се погласно и погласно. Јас немав јадено октопод до 26. години и додека не се вработив во овој ресторан“, се присетува таа.
Исто така, додава дека таа и нејзините колеги биле прилично изнервирани кога морале да работат до доцна за да ги чистат валканите детски столчиња и да фрлаат разни марамчиња и обвивки околу нив. И понекогаш родителите очекувале келнерите да ги дисциплинираат нивните деца.
„Знаеја да ми кажат да го замолам нивното дете да не се качува на масата бидејќи било можно мене да ме послуша. Не ми беше јасно зошто очекуваа да им донесам пијалаци и да им ги дисциплинирам децата”, вели таа.
Сепак, многумина сметаат дека рестораните треба да ги пречекаат посетителите од сите возрасти, особено со оглед на тоа колку е скапа грижата за децата.
„Луѓето ве мразат кога носите деца во ресторан, но јас не плаќам 25 долари на час за чување деца“, коментира еден маркетинг директор од Бруклин, кој сакал да остане анонимен.
Што се однесува до Фостер, која не е сигурна дека некогаш и самата ќе има деца, нејзината вечера во Виа Карота не вредела 200 долари.
„Се претвори во врескање. Не останавме за десерт“.