Хернија или кила обично се нарекува испаѓање на дел од стомачните органи заедно со стомачното ткиво преку отвор на стомачниот ѕид. Брух, хернија или кила (лат. хернија) е состојба која се јавува кога внатрешните органи се истиснуваат низ ослабен сегмент на мускулното ткиво. Повеќето такви ситуации се случуваат на стомачниот ѕид.
Херниите се јавуваат на одредени места, каде што различни канали, крвни садови и нерви излегуваат или влегуваат низ абдоминалниот ѕид.
Најчести типови хернии се:
- Ингвинална хернија – се појавува во препоните и е најчеста кај мажите.
- Феморална хернија – се појавува под препоните, често кај жените.
- Папочна хернија – настанува околу папокот.
- Хиатална хернија – дел од желудникот влегува во градната празнина преку дијафрагмата.
- Инцизионална хернија – се јавува на место од претходен хируршки рез.
Зошто мажите почесто страдаат од хернија?
Најчестиот тип на хернија кај мажите е ингвиналната хернија. Постојат неколку причини зошто оваа состојба почесто се јавува кај мажите:
- Анатомска предиспозиција – За време на ембрионалниот развој, машките тестиси се спуштаат низ ингвиналниот канал. Овој канал може да остане слаб и подложен на појава на хернија.
- Помалку поддршка од мускули и ткива – Мажите имаат поголем ингвинален отвор, што го прави подрачјето поподложно на истиснување на ткиво.
- Физички активности – Мажите се често изложени на тешка физичка работа и подигнување на тежини, што го зголемува ризикот од хернија.
- Притисок во абдоменот – Кашлање, запек, зголемена телесна тежина или хронични белодробни заболувања може да предизвикаат зголемен интраабдоминален притисок и појава на хернија.
Како се лекува хернијата?
Хернијата сама по себе не исчезнува и бара медицински третман. Во некои случаи, лекарот може да препорача носење на појас за хернија за да се намали непријатноста, но единствениот траен начин е хируршка интервенција која може да биде отворена операција или лапароскопска.
Во првиот случај се прави рез на местото на хернијата, ткивото се враќа во абдоменот, а слабата точка се зајакнува со мрежичка. Додека при лапароскопска операција се користат мали резови и специјална камера, што овозможува помалку болка и побрзо закрепнување.
Што треба да се прави после операцијата?
Рехабилитацијата после операција е важна за да се избегнат компликации и повторување на хернијата. Еве што се препорачува:
Контролни прегледи – Потребно е да се следат упатствата од хирургот и да се посетат закажаните прегледи.
Одмор – Првите неколку дена се препорачува одмор за да се спречи дополнителен стрес на операциската рана.
Избегнување на тежок физички напор – Подигнување тежини и интензивни активности се избегнуваат најмалку 4-6 недели.
Лесни физички активности – Брзо одење и лесни вежби може да помогнат за подобра циркулација и заздравување.
Следење на раната – Потребно е да се следи за знаци на инфекција (црвенило, болка или оток).
Диета и хидратација – Се препорачува консумирање лесна храна и многу течности за да се избегне запек, кој може да создаде притисок на оперираното место.