Зошто мислите дека децата се за греота ако не им давате слатки?

Децата сакаат слатки, но можат да претераат, па многу родители не се сигурни што да прават и како да контролираат дали внесувањето шеќер е прекумерно и штетно за здравјето на нивното дете. Колку бонбони всушност се доволни за децата и дали воопшто им се потребни?

Целосната забрана за слатки во детството обично не ги дава посакуваните резултати. Сепак, последиците од прекумерното внесување шеќер не се занемарливи. Познати проблеми предизвикани од прекумерно внесување шеќер вклучуваат расипување на забите и дебелина, како и други болести поврзани со долгорочно прекумерно внесување на одредени видови шеќер, како што се дијабетес и замастен црн дроб. Зголемената потрошувачка на шеќер е поврзана и со надуеност, главоболки, замор, слаба функција на имунолошкиот систем и кардиоваскуларни болести. А грубо кажано, шеќерот ги затапува децата, им ги уништува концентрацијата и способноста за учење.

И зошто тогаш упорно мислите дека децата се за греота ако не им даваме шеќер?!

Напротив. Не мора да е тоа строга забрана, но секако е нешто што треба последно да му се даде на детето, откако прво ќе се навикне на вкусовите на сите оние корисни и здрави зеленчуци.

Не е препорачливо да му давате слатки на детето пред втората година, а секако и што е можно поретко после тоа. Во спротивно, можете да го уништите за цел живот со тоа што уште од мали нозе ќе го научите да биде зависник од шеќер, ќе му ги расипете оброците (нема да сака да јаде зеленчук, овошје, а зошто би јадел кога не се доволно слатки?!).
На вашето бебе му е потребна висококвалитетна храна, како свежо овошје, зеленчук, месо, житарки, кои содржат многу важни витамини, минерали и протеини кои се исклучително важни за физичкиот и менталниот развој.
Постои истражување кое докажува дека раното и постојано внесување на шеќер на долг рок ја уништува концентрацијата и способноста за учење.
Во првите три години од животот, детето ќе се развива, физички и психички, во однос на тоа каква му е исхраната. Размислете за тоа.

Колку шеќер јадат децата денес?

Децата денес пијат приближно 30 пати повеќе газирани пијалаци и јадат 25 пати повеќе бонбони отколку во 1950 година. Студијата спроведена во Америка покажала дека децата на возраст од 1-3 години обично консумираат 12 лажички шеќер дневно или 60 г преку разни пијалаци, слатки и индустриски преработени производи. Децата на возраст од 4-8 години консумираат во просек по 21 лажичка шеќер дневно, а адолесцентите на возраст од 14-18 години консумираат 34 лажички. Ова укажува дека децата и адолесцентите консумираат три пати повеќе шеќер од препорачаната граница на внес, која вели дека не им треба повеќе од 10% од нивната енергија од додадени шеќери.

Светската здравствена организација предвидува ограничување на потрошувачката на рафиниран шеќер на 5 до 10 отсто од вкупните дневни потреби за енергија. Ова значи дека од препорачаниот дневен внес за деца на возраст од 1 до 4 години (1000 kcal), 50 до 100 kcal доаѓаат од едноставни шеќери (што е 2 до 4 лажички).

На децата не им требаат големи количини шеќер.

Основното правило е да не му дозволите на детето да јаде слатки непосредно пред оброк. Исто така, слатките не треба да се чуваат на дофат. Прекумерното консумирање слатки може да се спречи со редовни и здрави грицки. И што е најважно, не користете слатки и грицки како средство за наградување на вашето дете. Но, би било многу тешко, ако не и невозможно, да се држи детето подалеку од шеќер. Шеќерот е во речиси сè што јадеме. Покрај слатките бонбони, колачиња, кекси и слатките пити, шеќерот природно се наоѓа во овошјето и млекото и е состојка во многу јогурти, сосови и преливи за салати. Кога зборуваме за слатките, дефинитивно не треба да ги игнорираме другите додатоци кои се наоѓаат во нив, како што се различните вкусови, бои и конзерванси. Значи, шеќерот не е исклучиво штетен, туку и другите супстанции кои можат да се најдат во различни слатки. Пожелно е да се избегнуваат бонбони со светли бои, како и газирани пијалаци кои содржат исклучително висок процент на шеќер.

Горчливата страна на шеќерот

Од една страна, шеќерот е неопходен за животот, тој е многу евтин и достапен извор на енергија за секого. Тоа создава особено вкусни и привлечни јадења. Сепак, шеќерот премногу често се користи во прекумерни количини. И токму тоа е причината за горчливата страна на шеќерот. Тоа е поврзано со расипување на забите, хипогликемија, дебелина и дијабетес, намален имунитет и зголемен холестерол во крвта, што го зголемува ризикот од коронарна срцева болест и мозочен удар. Прекумерните количини на рафиниран шеќер, како оној што се наоѓа во колачите, чоколадото или колачињата, покрај големите количества шеќер што ги консумираме преку јаглехидратите, може да резултира со зголемување на телесната тежина, неурамнотежен раст и пад на нивото на шеќер во крвта.

Извор на енергија

Конзумниот шеќер се произведува од шеќерна репка или шеќерна трска. Тој е одличен извор на енергија, но не му обезбедува на телото некои важни хранливи материи. Шеќерот е јаглехидрат и главен извор на енергија за организмот. Тоа значи дека шеќерот му помага на детето да трча, да скока и да си игра. Тој, заедно со другите прехранбени состојки, е гориво за сите физички активности што детето ги има во текот на денот. Ова не значи дека шеќерот предизвикува премногу енергија. Не постојат научни студии кои цврсто докажале дека шеќерот предизвикува хиперактивност. Слатките не се секогаш лоши за децата, проблемот е количеството кое некои деца го консумираат. Одредувањето на количината понекогаш е тешко, но треба да се има на ум дека проблемот настанува кога шеќерот во исхраната на детето ја заменува здравата храна која ги содржи потребните хранливи материи за развој. Слатките стануваат лоши ако го заменат оброкот. Тоа значи: чоколадо – да, но после оброк. Колачињата може да се даваат на дете, но само после овошје или житарки. Слатките нека бидат нешто со кое децата ќе се почестат после оброците или во посебни прилики. Наместо да консумирате слатки секој ден, тие нека станат слатки, но ретки изненадувања.

децаслаткишеќер