Зошто момчињата мора да бидат мажи?

Ги уби девизата „биди маж“ и погрешно сфатениот феминизам. Дали мислите дека мажите се незрели, саможиви и затворени во себе? Тогаш да не ви даде Господ машко дете. Па уште и ако е чувствително!

Помалку ги осудувам мажите откако станав мајка. Тие треба да бидат џентлмени. Не смеат да покажат дека страдаат, дека се плашат или дека ги боли. Како тогаш тие можат да имаат разбирање за истите тие чувства кај некој друг? Како да воспостават зрел однос?

Дали го воспитувате да биде цврсто момче?

Со другарка ми Бојана често ги критикувавме мамините синови. И двете на крајот добивме по едно момче и едно девојче и нашите ставови се сменија:

„Дијагноза момче“, вака таа го нарекува однесувањето на нејзиниот син.

„Другите жени еден ден ќе не осудат мене и тебе што не направивме „вистински“ мажи од нив“, ѝ велам.

Моите син и ќерка се како небо и земја. Имаат четири и пол години. Тој знае да чита и пишува, но емоционално заостанува зад својата сестра. Чувствителен е и лесно се раздразува. Невнимателен е, немирен до болка. Тој има големо срце. Додека неговата сестра стои настрана, тој им приоѓа на непознати деца во паркот и ги нарекува „другари“. Каков погрешен начин на однесување на игралиште…

Еднаш кога притрча до едно дете за да се запознаат, детето му ја свитка раката зад грб.

Момчињата треба да бидат борци.

Другпат еден врсник му даде детска пушка за да играат војна: „Бум, бум“, рече мојот наследник, свртувајќи ја цевката кон себе. Не знаеше ни да ја држи. Немаме пиштол во станот, тој никогаш не побарал.

Момчињата треба да бидат воини.

Дали очекувате дете од 4-5 години да биде промислено?
Четиригодишните момчиња треба да бидат внимателни како и девојчињата. Обично тоа не е така – нивниот мозок едноставно се развива поинаку од женскиот.

Еднаш моето дете возеше тротинет, а во близина се најде бебе. Само. Тој премногу се доближи до него и дедото на бебето се развика: „Внимавај каде одиш!“
Бебето падна. Мојот син застана.

„Извинете, тој е уште мал“, реков.

„Не, не е. Види колку е голем“, беснееше старецот.

„Па, колку е голем?“ го прашав изнервирана. „Тој има четири години.

Ако може да се качи на тротинет, тогаш е „доволно зрел“. А мене ми доаѓа да му облечам противмински заштитен костум пред да излеземе за да го зачувам во еден дел.

Кавалерство

Момчињата исто така треба витешки да го прифатат одбивањето.

Неодамна, моето малечко притрча кај некои розови принцези да си игра. Го оттурнаа, бидејќи не сакаа да биде со нив. Додека им пријдов, тој веќе им возврати.

„Ти си момче, не треба да ги туркаш девојчињата“, му рече една баба.

„Зарем не гледате дека не сакаат да си играат со него?“ ѝ објаснив и го одвлеков.

Неговите очи беа како да му умрела мајката на Бамби. Не му беше јасно зошто го избркаа кога имаше добри намери.

Се обидов да го натерам да се прибере. Но, тој има четири и пол години. Наместо да плаче како мало девојче, тој треба да ја прифати ситуацијата и да остане смирен?

„Сега гледаш како е со момчињата“, ми вели татко му.

Се фаќам како ги тешам туѓите деца во паркот:

„Дете кое не сака да си игра со сите не е добар пријател“, му велам на едно дете кога девојче го исфрли од играта.

Разочарувањата се дел од растењето. Но, момчињата треба да научат пред девојчињата како сами да ги надминат. Иако тие се исто толку чувствителни како и девојчињата, ние ги учиме момчињата да се контролираат и да не ги покажуваат своите емоции кога нивниот мозок сè уште не е способен за тоа.

Во својата книга „Кога момчињата стануваат момчиња: развој, врски и машкост“, професорката од Стенфорд Џуди Чу тврди дека емоциите и сочувството на мало момче не се разликуваат од оние на мало девојче. Меѓутоа, на возраст од околу 6-7 години културата ги принудува да бидат стоици и самодоволни. Така често тие израснуваат во луѓе кои не можат да чувствуваат и да се поврзат на ист начин како што можат жените. Не сакам тоа да му се случи на мојот син. Жените постојано се жалат на емоционално недостапни момци.

Феминизмот е погрешно разбран од многумина

Девојчињата знаат дека ќе ја добијат лулашката ако го оттурнат момчето и почнат да квичат: „Не, мое е.“ Момчето потоа мора да се оддалечи иако дошло прво.

Иако тие се послабиот пол кој мора да се брани, девојчињата не треба ниту да удираат први. Многу често нивните мајки не ги опоменуваат за тоа, бидејќи така го сфаќаат феминизмот. А да ги научиме прво родителите дека тоа што нивните ќерки се насилни и манипулативни не е доблест?

Се сеќавам кога една моја познаничка ѝ рече на нејзината петгодишна ќерка:

„Ако некое момче те пипне, клоцни го меѓу нозете“.

Што точно може да направи дете на таа возраст за да заслужи таква казна?

Да им помогнеме на малите момчиња

Не им е лесно. Нивниот незрел мозок треба чесно да изреагира дури и на неправда, без да ги покажува своите чувства.

Како правилно да воспитате момче, за да порасне во зрел маж? Дозволете му да чувствува и усмерете го да не биде деструктивен.

„Тешко ти е? Слободно исплачи се“.

Текстот е од ТУКА.

девојчедетемажмомчечувствителност