Зошто на децата не треба да им велите: Биди внимателен!

Секој родител сака неговото дете да биде безбедно, а повеќето спаѓаат меѓу хеликоптер-родителита, без разлика колку се трудиме да не бидеме тоа. Гледањето на вашето дете како се качува на дрво или како балансира на справа високо над земјата може да не преплаши. Од една страна, сакаме детето да го истражува светот околу него, а од друга страна, не сакаме да биде повредено. И што ќе правиме тогаш? Логично, ќе кажеме: „Внимавај!“ Сепак, терапевтката Емили Де Ла Торе истакнува дека ова не е фраза што треба да ја користиме.

„Преземањето ризици е важен дел од детството. На децата им е потребно за да развијат доверба во телото, отпорност, самодоверба и саморегулација. Кога предвидуваме можни проблеми, сакаме да избереме фрази кои поттикнуваат критичко размислување и/или даваат одредени насоки што треба да се забележат“, порачува таа на Инстаграм.


Наместо да му каже на детето да внимава, Де Ла Торе советува да го прашате детето: „Дали забележуваш колку е лизгава таа справа?“ или „Гледаш ли колку си блиску до работ?“

„Биди внимателен/на, на детето му звучи како бучава во позадина. Оваа фраза се користи толку често што не носи никаква тежина. Фразите што ги спомнав го продлабочуваат креативното решавање на проблемите и го зајакнуваат кај детето чувството за сопствено делување. Колку повеќе им дозволуваме да решаваат проблеми, толку повеќе тие можат да ги разберат границите на своето тело“, вели терапевтката.