Стравот од внесување нова храна во исхраната на бебето е многу стресен за родителите, особено поради страв од алергии. Според експертите, најдобриот начин за справување со потенцијалните алергии е рано одвикнување на бебето од доење, пишува Huff Post.
Детската диететичарка Луси Аптон посочува дека наспроти контроверзното мислење дека на бебињата не треба да им се дава храна пред шестмесечна возраст, за бебињата кај кои постои поголем ризик од алергии, посоодветна е границата од четири месеци. Таа објаснила дека „насоките се толку многу променети, што историски на родителите им било кажано да избегнуваат да даваат кикиритки додека децата не наполнат две или три години, а она што го видовме е зголемување на стапките на алергија на кикиритки“.
Што покажува истражувањето?
Неколку истражувања спроведени во последните години покажуваат дека кога се во прашање кикиритките, подобро е што поскоро да се воведат во исхраната на децата.
„Студијата The Learning Early About Peanut Allergy покажала дека во одредени популации, кои рано ги вовеле кикиритките, стапките на алергија на кикиритки биле многу ниски во споредба со Обединетото Кралство“, пишува Huff Post. Колку подолго родителите чекаат да воведат одредена храна, толку повеќе се зголемува ризикот од развој на алергии на таа храна, додаваат тие.
Диететичарката Аптон препорачува родителите да не чекаат премногу долго за да им дадат кикиритки на децата. „Би рекла да ги давате рано и често, што е навистина важно, а тоа можете да го направите со мелени кикиритки додадени во кари или дури измешани во јогурт. Не мора да биде путер од кикиритки на тост“, објаснува таа.
Аптон верува дека родителите веќе треба да им даваат кикиритки на бебињата на возраст меѓу четири и шест месеци, веднаш откако ќе ги одвикнат од доење, а потоа да видат како тие реагираат на намирницата.
Родителите треба да знаат на кои симптоми треба да внимаваат
Сепак, таа советува родителите да се консултираат со општ лекар пред да донесат одлука и да знаат на кои симптоми треба да обрнат внимание доколку нивното дете е алергично на одредена храна.
„Постојат малку деца кои имаат сериозни алергиски реакции во првите месеци од животот, но тие постојат. Обично, реакцијата се појавува во рок од неколку минути, најчесто во рок од 15 до 30 минути“, објаснува Аптон, додавајќи дека родителите мора да внимаваат на симптоми како што се осип и егзема, а во потешки случаи може да се појави оток на лицето. Сепак, таа истакнува дека, спротивно на популарното верување, бебињата не се најчесто алергични на кикиритки, туку на кравјо млеко, пишува Huff Post.