Кога започна карантинот во време на пандемијата со Ковид-19, Кели Медина Енос се соочила со однесување кај својот мал син кое не знаела како да го контролира.
– Почна да ме удира и да има вистински испади. Се чувствував изгубено сè додека на Тик-Ток не налетав на идејата за нежно родителство- раскажува таа.
Т.н. „gentle parenting“ – концепт што во последните години стана популарен на социјалните мрежи – се разликува од традиционалниот, авторитарен пристап во кој возрасните поставуваат правила со јасни последици. Наместо казни и строги забрани, овој пристап ги охрабрува родителите смирено да ги признаат чувствата на детето и да понудат избор наместо директна забрана.
Наместо зборови како „не“, „престани“ или „немој“, на детето му се нуди насока што кажува што треба да направи, а не што не смее.
Авторката и експерт за родителство, Sarah Ockwell-Smith, која пишува за психологијата и науката зад воспитувањето, објаснува дека суштината на нежното родителство е да ги третираме децата онака како што би сакале нас да нè третирале кога сме биле мали.
– Тоа не значи дека ќе му ги купите на детето сите чоколади и сладоледи од продавницата. Станува збор за почит, љубезност и избегнување казни што предизвикуваат прекумерно чувство на вина – вели таа.
Почеток полн со сомнежи
Кели решила да се обиде. Дотогаш верувала дека авторитарниот стил е единствениот начин на воспитување.
Но, иако на интернет изгледало лесно и природно, во реалноста било исцрпувачко.
– Размислував за секој збор што го кажувам. Постојано се преиспитував. Мајчинството стана друго ниво на исцрпеност – признава таа.
Една од најголемите промени била прилагодувањето на јазикот со кој му се обтаќала на своето мало дете. Наместо да му вели „немој да скокаш“, му велела „стапалата на под“. Наместо да вика „не“, се обидувала да понуди алтернатива.
Сепак, детето не слуша секогаш. Во тие моменти, Кели се потсетува дека однесувањето е „нормално и типично за возраста“. Воведува и концепт на „нежни раце“ – учење на внимателност во физички контакт – иако признава дека не е секогаш лесно да се истрае.
– И јас знам да се лизнам, да викнам – вели таа.
Што вели науката?
Истражувањата за влијанието на нежното родителство сè уште се ограничени. Професорот Eamonn McCrory, невронаучник од University College London, истакнува дека нема цврсти докази дека другите стилови се подобри или полоши.
Проблемот, според него, настанува кога викањето или карањето преминуваат во долготрајна вербална злоупотреба.
– Тоа не е исто како повремено да изгубите трпение. Станува збор за однесување што трае со текот на времето – објаснува тој.
Преголем притисок врз родителите?
Писателката и практичар за ментално здравје кај деца, Nina Lyon, предупредува дека екстремното толкување на нежното родителство може да создаде дополнителен товар.
– На социјалните мрежи гледаме пораки како: ‘Никогаш не смеете да кажете не. Никогаш не смеете да викате. Мора бескрајно да сте достапни.’ Се создава впечаток дека ако не го правите тоа, ќе му нанесете трајна штета на детето – вели таа.
Според неа, зборот „не“ е важен затоа што поставува граници.
– Така комуницираме дека нешто не е во ред.
На крајот, додава, најважни се топлината и разумните граници – без оглед на стилот.
Погрешни претстави
Нежното родителство стана контроверзна тема, но Кели верува дека најголем дел од критиките произлегуваат од недоразбирање.
– Луѓето мислат дека ќе израснам дете што нема почит и ќе прави што сака. Тоа едноставно не е точно – вели таа.
И Sarah Ockwell-Smith се согласува:
– На децата им треба дисциплина. Но дисциплина што го зема предвид развојот на нивниот мозок и тоа што можат да разберат. Ако сакате да израснете дете што е смирено, љубезно и што почитува – прво вие бидете такви.