Зошто треба да му пеете на бебето, дури и ако пеете фалш?

Многу мајки сакаат да им пеат на своите бебиња и мали деца. А сега истражувањата ни ги покажуваат придобивките од тие приспивни песни на мајките, пишува Motherly.

Нова студија презентирана на 25-от годишниот состанок на Здружението за когнитивна невронаука покажала дека приспивните песни не само што ги смируваат и мајката и бебето, туку имаат и огромен придонес во когнитивниот развој на детето. Тие песнички го зголемуваат вниманието на малечките и ги зајакнуваат позитивните емоции кон мајката.

Музиката е алатка која ги зближува луѓето уште од најраното детство. Истражувањата покажуваат дека бебешкиот мозок го следи ритамот и преку него учи како да го разбере светот околу себе. Кога мајката пее, таа не само што пренесува звук, туку гради социјална и емотивна врска која е клучна за развојот на детето.

Кои се придобивките од пеењето на вашето бебе?

„Мозокот на бебињата мора да биде способен да ги следи аудитивните настани на предиктивен начин за да ја разберат музиката“, вели авторката на студијата Лаура Сирели, постдокторски соработник на Универзитетот во Торонто. „Музиката е алатка што можеме да ја користиме за да ги зближиме луѓето, а тоа започнува уште од детството.“

За студијата, истражувачкиот тим, предводен од Сирели, ги анализирал начините на кои мајките им пеат на своите бебиња во зависност од нивната крајна цел: да ги смират или да си играат. Мајките кои учествувале во студијата ја пееле „Twinkle Twinkle Little Star“ постојано на своето малечко, наизменично со радосен и со смирувачки тон.

Истражувачите ги мереле реакциите на возбуда и на мајката и на бебето преку однесувањето и спроводливоста на кожата – феномен каде што кожата станува привремен спроводник на електрична енергија како одговор на надворешни или внатрешни стимули.

Она што го откриле е дека нивоата на возбуда се намалиле кај мајката и бебето кога мајката пеела смирувачки приспивни песни. Но, нивоата на возбуда се зголемиле само кај мајките кога користеле поразигран тон додека им пееле на своите бебиња. Од друга страна, бебињата обрнувале повеќе внимание на своите мајки и покажувале повеќе позитивни емоции, но имале стабилни нивоа на возбуда, според наодите.

Пораката што ја испраќа вашиот глас

Пеењето е еволутивен начин за смирување на вознемирените бебиња. Кога му пеете на вашето дете, вие му праќате сигнал дека целото ваше внимание е насочено кон него. Со тоа му давате до знаење дека е на безбедно место и дека сте тука за него. Вашиот глас му пренесува дека во тој момент не постои ништо поважно од него.

Затоа, продолжете да ја потпевнувате таа мелодија, дури и ако мислите дека не пеете совршено. За вашето бебе, вашиот глас е најубавиот звук на светот. Тоа не ја оценува вашата техника, туку ја чувствува вашата љубов и присуство во секој испеан збор.

пеењеприспивни песни