Бремена сте, топло е и ви треба освежување.
Во лубеницата можете да најдете и освежување и хранливи материи, а покрај сето тоа ќе ја задоволите и вашата потреба за благо.
Затоа, разладете ја лубеницата и препуштете ѝ се без грижа на совест!
Иако лубеницата е нискокалорична храна – енергетската вредност на 100 грама овошје е само 30 калории – таа има висока хранлива вредност бидејќи е богата со витамини, минерали, фитонутриенти и растителни влакна.
Бидејќи сите калории доаѓаат од јаглени хидрати, му дава на телото силен енергетски поттик.
Исто така, лубеницата содржи природни овошни шеќери кои телото може многу брзо да ги апсорбира и да ги користи како извор на енергија.
Лубеницата е богата со бета-каротен, кој во метаболичкиот процес се разградува на витамин А, како и витамини Ц и Е.
Тоа се важни антиоксиданти кои спречуваат штети предизвикани од дејството на слободните радикали.
Лубеницата има и повисока концентрација на ликопен – моќен антиоксидант, од кое било свежо овошје или зеленчук.
Богата е и со витамини од групата Б, особено витаминот Б6, кој помага во зачувување на имунитетот, правилното функционирање на хормоните и нервниот систем, игра значајна улога во производството на антитела, а неопходен е и за метаболизмот.
Богата е и со минерали: содржи калиум, калциум, магнезиум, манган, фосфор, железо, селен, цинк и бакар.
Сите овие хранливи материи се особено важни за време на бременоста, бидејќи помагаат да се одржи нормалното функционирање на телото.
Помага и при блага анемија
Лубеницата содржи железо во иста количина како спанаќот.
Ова е од особено значење за идните мајки, бидејќи на телото му треба повеќе од овој елемент од вообичаеното – за снабдување на плацентата и на плодот.
Големото количество на витамин Ц присутно во лубеницата овозможува подобра апсорпција на железото, односно негово искористување.
Освен тоа, во лубеницата има и бакар, кој помага во формирањето на еритроцитите.
Поради овие карактеристики, консумирањето лубеница може да помогне дури и во случај на блага анемија!
Трудниците треба што почесто да јадат лубеница, не само за да му обезбедат хранливи материи на своето тело, туку и за да го снабдат со нив и бебето.
Витамините А, Ц и Б6, како и минералите калиум и магнезиум, се од витално значење за развојот на фетусот – подобрување на коските, видот, мозокот, развојот на нервниот и имунолошкиот систем и многу повеќе.
Исто така, внесот на ликопен е важен за растот на бебето во утробата.
Кога е потребна претпазливост?
Лубеницата не предизвикува алергии, па затоа е безбедна за трудниците.
Потребна е претпазливост само кај оние кои имаат бубрежно заболување (особено ако е намалено излачувањето на урина) или дијабетес.
Но, иако лубеницата има висок гликемиски индекс (што ја означува способноста на храната да го подигне нивото на шеќер во крвта), таа содржи и до 95 отсто вода, па лекарите дозволуваат до 190 грама во еден оброк.
Во секој случај, доколку имате некој од наведените здравствени проблеми, неопходно е да се консултирате со лекар.
Најлесен сладолед од лубеница со само една состојка
На следниот линк ќе најдете видео со детален опис на подготовката на наједноставниот сладолед од лубеница.