Борјан Цанев: Бараш едно, добиваш две

Борјан Цанев е главен диригент на Македонската филхармонија. Настапувал со светски реномирани солисти, а освен со македонската филхармонија, диригирал и со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис, со црногорскиот симфониски оркестар, со Филхармонијата на Арад, Симфонискиот оркестар „Вагнер“ од Токио, и други. Дома пак, нему му „диригираат“ неговите шестогодишни близнаци Давид и Ева.

0
1100

 

Имате синче и ќеркичка, близнаци и првоодделенци…Како би го опишале изминатиов период од 6 години?

Бурен. Период на екстремно драстични промени. Давид и Ева имаат скоро шест и пол години и сега се вредни и палави првачиња.

Дали во вашето или во семејството на сопругата некој веќе имал близнаци и беше ли ова очекувано за вас?

Не, тоа кај нас не беше причината за раѓањето на Давид и Ева. Три фактори беа клучни: нашата голема желба и истрајност, бескрајната посветеност на нашиот гениј Др. Боби Лазаревски и секако веројатно главниот координатор-севишниот бог. Иако не очекувавме, со огромна радост ја примивме веста за близнаци. Зарем има нешто поубаво – бараш едно, добиваш две 🙂

dsc_0077

Колку се смени вашиот начин на живот по раѓањето на близнаците?

Ни се смени комплетно начинот на живот, биоритамот, социјалниот живот и тн. Но секое појаснување или обид да му доловам некому што точно се случуваше и се уште се случува, е практично невозможна мисија. Тоа може да го разберат единствено оние кои поминале низ истиов процес.

Колку родителството ве смени како личност?

Тоа е навистина неверојатно. Како родител станав многу потолерантен, со повеќе чувство и разбирање за другите. Кога ќе се сетам како сум размислувал за некои нешта пред тоа, од денешна перспектива ми е несфатливо. Но, учиме додека сме живи зарем не?

SAMSUNG

Дали во вашиот дом се прави онаа поделба на машки и женски обврски и задолженија па во тој правец ги воспитувате и вашите деца делејќи им ги обврските онака како што традиционално им следува според полот?

Ни пред да се родат децата, ни по нивното раѓање во нашиот дом немало поделба на машки и женски работи. Поделба има/ло, но само на обврските. Кој што и кога ќе заврши. Според наша интерна процена, кому што повеќе му одговара и кој може таа работа да ја заврши подобро. Во таа насока ги воспитуваме и децата.

На какви вредности ве научиле вашите родители и на какви вредности вие ги учите вашите деца?

Чесност, искреност и доблест. Не прави му некому тоа што не сакаш да ти го прават тебе. Понекогаш сум многу лут на ваквите карактеристики заради хаосот, лицемерието и злото кое не опкружува во секојдневјето. Но сепак сметам дека тоа е вистинскиот и единствен правилен пат во развојот на една личност.

image-cdad0e7cbffa5a42d0c9a84131f03c8e7dbd436b17a93b98d2dec0b006945788-v

Колку ви дозволуваат вашите професионални обврски да им се посветите на децата, како го поминувате времето со нив, како ви се поделени обврските околу децата?

Имам доволно време за децата. Тоа беше мојот избор. Жртвував многу од работата, заради нив особено кога беа многу мали. Секое слободно време го поминувам со нив. Шетаме, играме, учиме, одиме на планина и тн. Инаку немаме некој шаблон за поделба на обврските околу нив. Секогаш по потреба и според ситуацијата.

Како ја коментираат тие вашата професија, дали доаѓаат на концертите кои вие ги диригирате или се се уште малечки за да доседат до крај? 

Уште од многу мали доаѓаат на моите концерти, нормално во главно на детските кои ги водам со Македонската филхармонија. Од скоро почнаа да доаѓаат и на некои од концертите „за возрасни“. Многу нормално ја прифаќаат мојата професија, од мали се научени да ме гледаат на сцена, на ТВ, во медиуми и тн.

zima-2015

Игра ли и дома „диригентската палка“ или поинаку ги решавате проблемите и во тој контекст, колку сте строг, а колку попустлив родител?

Зависи што подразбирате под “Палка“. Доколку се мисли на палка, стап, во вистински смисол – секако НЕ. Но, доколку се мисли на водич, лидер, организатор и тн, во тој случај – ДА. Нормално е како родител да давам насоки и да ги организирам нештата. Не можам точно да се дефинирам како попустлив или строг. Се обидувам да сум правичен и да влијаам позитивно на нив. Со текот на времето желбата ми е што помалку тоа да го правам јас. Полека тие да ја преземаат палката и да се оспособат сами да си го раководат животот.

Кои ваши животни лекции  сакате да им ги предадете на вашите деца без самите непотребно да ги почувствуваат на своја кожа?

Како што реков погоре, сакам да ги задржат најважните човечки карактеристики. Јас не сум семоќен и не сум во можност да ги водам и контролирам цело време. И тоа не е добро да биде така. Би бил најсреќен доколку успеам да ги осамостојам да се борат сами во животот, поминувајќи ги сите животни лекции. Тогаш ќе сметам дека сум успеал како родител.

SAMSUNG

gradinka-2014leto-2016-1

Разговараше: Драгица Христова

Фото: Приватна архива

loading...