„Една може“: Заедничко родителство, но не по секоја цена!

Здружението на еднородителски семејства „Една може“ го поддржува заедничкото родителство кое е најдобра опција единствено кога е тоа заедничка одлука на двајцата родители, не е наметнато од друг орган и претставува најдобар интерес на детето.

0
318

Во врска со неодамнешните изјави во медиумите претставени од Група на граѓани кои покренуваат Иницијатива за заедничко и одговорно родителство после развод, Здружението на еднородителски семејства Една Може, го поздравуваат фокусот кој има за цел одговорно родителство и ја поддржува иницијативата во остварувањето на најдобрите интереси на детето.
„Многу од фокусот во оваа иницијатива која цели кон најдобрите интереси на детето се губи од бројни недоречености и нејасностии како со постојните капацитети и системска поставеност ќе се имплементираат овие предлози во македонското законодавство. Ние, како Здружение на еднородителски семејства јасно и недвосмислено изјавуваме дека го поддржуваме заедничкото родителство кое е најдобра опција единствено кога е тоа заедничка одлука на двајцата родители, не е наметнато од друг орган и претставува најдобар интерес на детето што е во согласност со Резолуциите 1921 (параграф 8.4) и 2079 (параграф 2) од Советот на Европа, токму на кои се повикува и Иницијатива за заедничко родителство по развод.

Во правец на одговорно родителство и родителска зрелост и еднаквост би сакале да ги нагласиме следниве приоритети на еднородителските семејства:

– Регулирање на законската издршка за дете која за жал можеме да констатираме дека голем број на родители, пред сe, татковци, избегнуваат да ја плаќаат па дури и прикажуваат помали приходи со цел да плаќаат помала месечна издршка што не оди во прилог на родителска одговорност. Со оваа иницијатива 50%-50%, алиментацијата, односно месечната издршка ќе биде исклучена или апсолутно ставена на минимум. Загрижувачки е фактот што во тој случај би се јавила огромна дискрепанца во можностите на родителите да обезбедат соодветни услови за живот, а концептот „најдобар интерес на детето“ би бил занемарен ;

– Потребна е измена на законската регулатива во делот на бесплатна правна помош и помошта во судски постапки со цел заштита на самохраните мајки бидејќи согласно карактеристиките на сторителите, најголемиот број сторители на семејно насилство (93%) биле мажи. Од останатите случаи во кои осудените биле жени, тие жени поретко се осудени како директни сторители, а многу почесто како соучесници или како помагатели на мажите. Оттука имајќи во предвид дека голем број на разводи во Македонија се случуваат поради семејно насилство, би сакале да ставиме акцент на Истанбулската конвенција, која државава ја има потпишано, но не и ратификувано, а ги препознава децата како жртви на насилство и кога се сведоци на насилство во домот. Ова е особено важно во аспект на заштита на сигурноста и безбедноста на децата како нивно основно право и мора да биде појдовна точка во секоја законска одредба.

– Ставот дека заедничкото родителство после развод треба да биде презумпција и единствен модел не го подржуваме во целост бидејќи во многу земји каде што е воведен овој модел на родителство постојат минимум три модели на родителство по развод, се со цел да се исполни начелото „најдобар интерес на детето“. Тоа значи да се тргне од индивидуалните потреби на децата кои се различни како што и сите фамилии се различни.

– Потребно е подигање на јавната свест и превентивни активности и кампањи за намалување на дискриминацијата и на стигматизацијата на самохраните мајки, особено од машката популација и бившите сопружници, еднородителските семејства и децата од овие семејства, како и родова еднаквост и застапеност на пазарот на трудот со еднакви можности, родова едукација и едукација во однос на одгледувањето на децата и еднакво пружање на помош при одгледувањето и воспитувањето на детето.

– Во однос на барањето да се усвојат минимум загарантирани денови сметаме дека ова може да влијае неповолно во специфични случаи (насилство, конфликти, недоволно учество во животот на детето пред, и за време на развод на бракот, преголемо растојание) поради тоа што во таков случај фокусот се става на правата на родителите а децата се адаптираат на можностите на родителите. Во секој случај родителите треба да стават акцент на квалитетно поминато време наместо фокусот да се става на квантитет. Детето треба да се чувствува сигурно и заштитено и оттука има потреба од постојаност и сигурен дом“, се вели во соопштението од здружението „Една Може“.

[better-ads type='banner' banner='999' ]