Јасмина Трошанска: Бројот на аутистични деца сѐ уште ќе расте

Не сум поддржувач на теоријата дека вакцините се причина за аутизам, бидејќи ако добро истражите ќе видите дека е отфрлена. Доколку родителите се загрижени за вакцинирањето, препорачувам да се исконсултираат со имунолог, вели дефектологот Јасмина Трошанска.

0
2774

Доктор по дефектолошки науки од областа на аутизам и интелектуална попреченост, Јасмина Трошанска има 13.годишно искуство во научно-истражувачка и практична работа со деца со аутистичен спектар на нарушување.

Учествува во голем број на кампањи за подигнување на свеста за лицата со попреченост, домашни и меѓународни конференции, проекти од кои најистакнати се „Програма за целосна социјализација на децата со посебни потреби во нивните социјални средини“ (www.socialinclusion.mk) и проектот коj е во тек „Еднаквост и социјална инклузија преку позитивно родителство“.

Минатата недела, на конференцијата за родителството на 21.век Трошанска зборуваше за начините за поддршка на децата со посебни потреби и за тоа како да ги охрабриме родителите да го најдат полесниот пат за нивната улога како родител.

Имате искуство во работата со деца со аутистичен спектар на нарушување, што се се смета денеска за дел од овој спектар?

Јас веќе 13 години работам со деца со посебни потреби а 9 со децата со аутизам во училиште за деца сопосебни потреби. Исто така, работам во невладина организација и го надградувам своето знаење со следење и учество на голем број на проекти, конференции и семинари од областа на АСН. Пишувам трудови и се надевам наскоро ќе излезе и мојата прва книга.

Аутизмот според последната класификација (DSM-5) е спектар на нарушувања кои се задолжителни за секое дете со ваков проблем. Тоа се:

-нарушување на социјалната комуникација и социјалната интеракција (несоодветен социјален пристап, недостаток на конверзација и покрај присуство на говор, дефицит во невербална комуникација и говор на телото, нарушување на врските или проблем во воспоставувањето на нови врски при што предвид не се зема врската со родителите итн. );

-ограничени репетитивни видови на однесување, интересирање или активност (стереотипен или повторувачки говор, стереотипни движења, ритуално однесување, фиксирани и необични интереси итн.)

-хипо или хипер реактивност на дразби (индиферентност кон болка, ладно-топло, необична реакција на звуци и текстура, ексцесивно мирисање и допирање предмети итн.)

Значајно е да се каже дека сите овие симптоми мора да постојат во раното детство, но не мора во полна мера да бидат изразени сѐ додека социјалните барања не ги надминат ограничените капацитети или можат да бидат маскирани од научени стратегии во подоцнежниот живот. Симптомите го ограничуваат и оштетуваат секојдневното функционирање.

Овде не станува збор за интелигенција. Децата и лицата со аутизам можат да имаат многу низок степен на интелектуално функционирање но можат да бидат и надпросечно интелигентни и експтемно талентирани за математика, информатика, географија, историја или музика.

Која е причината што се поголем број на деца денеска имаат нарушување од овој вид и дали постоеле вакви нарушувања порано, но тогаш не сме знаеле за аутизам или се тие производ на современиот живот?

Аутизмот за првпат во историјата го опишале Leo Kanner во 1943 година и Hans Asperger во 1944 година. Тие работеле независно еден од друг и опишале зачудувачки спротивни гледишта за истата состојба, во тој период, создавајќи ги теориите за Kanner-овиот аутизам и Asperger-овиот синдром. Терминот аутизам го позајмиле од швајцарскиот психијатар Eugene Bleuler и потекнува од грчкиот збор ауто (αὐτός) што значи сам. Eugene Bleuler за првпат го употребил терминот аутизам во 1910 година при дефинирање на симптомите на шизофренија. Значи аутизмот постоел, но не бил дефиниран или пак бил различно дефиниран. Во 70. години на минатиот век во САД се отворило првото училиште за деца со аутизам и работа според TEACCH методот. Во тој период сите наставници, кои денес се пензионери биле обучени да препознаат и да работат со деца со аутизам. А кај нас, во тој период се будела свесноста за лицата со посебни потреби воопшто и се отварале првите институции. За аутизам започна да се зборува интензивно од 2011 година кога за прв пат се обележа 2 Април, светскиот ден за свесноста за аутизам од страна на Македонското научно здружение за аутизам. Бројката се уште ќе расте бидејќи високофункционалните деца и лица со аутизам кај нас се уште не се дијагностицираат, а тие постојат помеѓу нас.

Дали ја поддржувате теоријата дека во голем број случаи причина за аутизам кај децата се вакцините?

Јас лично не сум поддржувач на таа теорија, бидејќи ако добро истражите ќе видите дека е отфрлена. Заради таквите теории дека причината се вакцините, цревни паразити, метали, глутен итн. се развиваат бизниси од кои навистина страдаат родителите на децата. Тие често се измамени и децата ги третираат со скапи „лекарства“ кои немаат никаков или имаат лош ефект врз здравјето на детето. Доколку младите родители се загрижени за вакцинирањето на своето дете јас препорачувам да се исконсултираат со имунолог, бидејќи тој е стручен и може да им ги одговори сите прашања и да им препорача да го вакцинираат или да не го вакцинираат детето.

 Како ги охрабрувате родителите на ваквите деца, како да го најдат полесниот пат за нивната улога како родител?

Родителите треба да го прифатат проблемот. За жал, кај нас не постои систем на поддршка на родители. Но добро е што веќе постојат родителски организации каде родителите можат да побараат поддршка од друг родител-некој кој веќе го изодел патот.  Важно е да зборувате со својот партнер, со семејството и сите луѓе кои ви значат и да ја споделите тагата. Барајте позитивни луѓе, позитивни настани, одвојте време за себе за да бидете позитивни како родители-само така позитивно ќе влијаете врз детето. Не мислете на иднината далеку, мислете ден за ден, така нема да ја пропуштите сегашноста, обвинувајќи го минатото и стравувајќи од иднината.

Научете се да се справите со чувството на огорченост и лутина. Тие чувства се неизбежни кога родителите ќе сфатат дека мораат да ги ревидираат своите надежи и соништа кои ги имале за своите деца. Многу е важно да ја признаете лутината и да се ослободите од неа. Кога ќе бидете спремни да се справите со своите негативни чувства ќе бидете спремни за соочување со нови предизвици.

Бидете позитивни, бидете во реалноста и прифатете го животот. Некои работи можат да се променат а некои не можат да се променат. Ако бидеме позитивни ќе можеме да го промениме тоа што може да се промени.

Избегнувајте самосожалување. Самосожалување,  сожалување од страна на другите, бидејќи сожалувањето на детето со посебни потреби е всушност попреченост. Сочувство е вистинскиот збор, емпатија, а не сожалување.

Размислете како ќе се однесувате со луѓето околу, оние кои ве загледуваат, оние кои ќе ве прашуваат во врска со детето. Разберете  ги, тие можеби не знаат како да ви пристапат. Можеби се пречувствителни.

Продолжете со секојдневните активности колку што можете понормално.

Запомнете, тоа е ваше дете. Прво е дете, а потоа дете со попреченост. Дајте му ја сета љубов затоа што е дете. Само доколку се опуштите и сета своја љубов ја насочите кон своето дете тоа може да напредува.

Можна ли е целосна социјална инклузија на децата со посебни потреби и имате ли досега некои позитивни примери каде штотоа функционира?

Јас по карактер сум човек кој верува дека „Се се може само ако вистински се сака“.

Можна е, секако. Социјалната инклузија на лицата со посебни потреби зависи од степенот на развојот на општеството.

Во општество каде се уште зборуваме за правата на етничките малцинства, се делиме по партиска и верска основа, во држава каде нема родова еднаквост не може да се насочи целата енергија на социјална инклузија на лицата со посебни потреби. Во светот постои. Во развиените земји, во сите западноевропски земји тие се вклучени во училиштата со максимална поддршка, потоа стручно се оспособуваат и работат, самостојно живеат. Таму државата има систем за грижа од детекција и дијагностика па се до независно и самостојно живеење или згрижување. Сето тоа може да се направи и тука, но, потребно е малку пари, многу совест и вистински луѓе на вистинско место, час поскоро…

[better-ads type='banner' banner='999' ]