Како да им помогнеме на децата да станат самостојни, независни личности?

0
1979

Најважна цел на секој родител треба да биде да им помогне на своите деца да станат самостојни личности способни еден ден да живеат без него.

За да се постигне оваа цел потребно е да им се дозволи на децатa: сами да прават нешто за себе, сами да се борат со своите потешкотии и да учат од сопстевните грешки.
Доколку родителите не им ги дадат овие дозволи на децата кај нив се раѓаат одредени чувства како: чувство на беспомошност, чувство на безвредност, бес, гнев, лутина. Сето тоа доведува до намалување на самодовербата и сигурноста кај децата и ги прави децата зависни од родителите.

Еве неколку предлози како да им помогнеме на децата да станат самостојни.

Дозолете му на вашето дете да згреши, секој човек па и детето го има ова право.
Наместо да го храните детето кое веќе има развиено моторика на рацете штитејќи го да не се мачи или пак извалка, дозволете му самото да јаде, да се накапе, односно дозволете му да учи од сопствените грешки. Заштитувајќи ги децата да бидат повредени, да се повредат, да се извалкаат, се создава дете кое е зависно од родителите и кое во периодот на адолесценција ќе има потешкотии да се одвои од нив и да биде способно да се бори со сите препреки на патот. Детето треба да се научи дека уште во рана возраст некои работи не се постигнуваат лесно и да се остави самото да го искуси тоа.

Покажете почитување за трудот што го вложува детето.

На пример, кога детето го гледате како се обидува да ја закопча кошулата наместо да избрзате и да му ја закопчате вие, покажете почитување на неговиот труд. На пример, закопчувањето понекогаш е тешко, бара малку повешти прсти и вежбање. Кога ќе покажете почитување за трудот кој детето го вложува, тоа собира храброст само да ја заврши работата.

Дозволете му на детето да избира.
На пример, која блуза ја сакаш, од кој сок сакаш, сакаш да одиме во парк или во игротека. На овој начин на детето му даваме можност да вежба носење одлуки. Децата на кои во периодот на растење не им била дадена можноста да избираат ќе имаат потешкотии да донесат одлуки во животот независно дали тоа е избор на професија, партнер, работно место итн.

М-р Катерина Наумовска-Ристовска,
психолог, тренер по емоционална писменост, обучувач во работилници за родители, Центар за едукација Гравитрон-Скопје
ФБ: Гравитрон Скопје

[better-ads type='banner' banner='999' ]