Како може да ми се доволни 4 часа месечно со моето дете?!

Станав татко на 50 години и толку многу му се радував на детето, а сега мене некој ќе ми одредува и ќе ми кажува дека ми се доволни два пати по 2 часа месечно со моето дете, вели огорчено 56-годишниот Љупчо Гигоски

0
1133

Љупчо Гигоски е 56 годишен човек од Скопје, татко на 6-годишно дете, дел од неформалната група на граѓани, иницијатори на концептот за заедничко родителство по разводот, кој на работ од солзи за време на вчерашната конференција во хотел „Континентал“ им се обрати на присутните и замоли да се направи нешто за да се смени досегашната пракса на центрите за социјални работи кои на еден родител му одредуваат да го гледа своето малолетно дете два пати во месецот по само два часа.

Од кога сте разведени и каде сега живеат вашата поранешна сопруга и вашето шестгодишно дете?

Разведен сум од мај 2016.година и сопругата и моето синче од тогаш живеат во Гостивар. По разводот не можев да го гледам моето дете цели 60 дена па во оние два часа кои потоа ги добивме, синчето од преголема возбуда, со оглед на тоа што е многу врзано со мене, 10 пати побара да оди во тоалет.

Во што е проблемот, дали евентуално, станува збор за ситуација во која вие можеби сте биле причина за семејно насилство?

Имам четири сестри и никогаш не сум малтретирал никого. Освен тоа, мојата поранешна сопруга е инвалид, никогаш не би ја малтретирал, иако таа се жалеше дека сум ја малтретирал. Никој не знае како живеевме тие 5 години во брак и кој кого малтретирал. Јас имам 56 години и му се радував на бракот и на детето, станав татко на 50 години и сега мене некој ќе ми забранува да си го гледам детето, сега некој од социјално ќе ми кажува дека ми се доволно два пати по 2 часа со моето дете. Колку татковци има како мене кои поради неможностра да си ги видат децата набрзина ќе се разболат, ќе се пореметат во мозокот затоа што не можат да си ги видат децата и дали некој мисли на нив и на децата кои се одвоени од мајката или од таткото. Јас пред да одам да си го видам детето, не можам да заспијам од мисли, а и отккао ќе се видиме исто така. Се разбира, и на детето не му е лесно, кога ќе дојде време да се видиме, и оние три збора што ќе ги размениме со мајка му се доволно за да се искараме, а тоа кутрото со наведнати раменици стои до нас и не моли да не се караме. Нормално е дека се плаши, јас не смеам да му кажам ништо друго, па му велам само да ја слуша мајка си и да не се грижи затоа што кога и да ме викне да дојдам, јас ќе дојдам и ќе се видиме. Но, што да ви кажам, за една година откако сме разделени, еднаш да не можам да го слушнам на телефон! На Фејсбук ме блокираше да не можам ниту да прашам за детето, ниту да го видам, ниту јас, ниту моите најблики не можеме да го гледаме, не смеам ни во градинка да одам за да го видам затоа што еднаш кога се обидов, не ми дозволија, ме пратија во социјално.

Дали вие воопшто побаравте старателство над своето дете, дали мислите дека би можеле вие како татко да бидете старател?

Секако дека побарав, зошто да не можам да бидам старател, па јас се грижев за моето дете со најголемо задоволство особено со оглед на тоа што мојата поранешна сопруга има и психички проблеми па цело време додека бевме во брак, таа мораше редовно да оди на контроли и да пие лекови, а за сето тоа време за детето се грижев јас. Досега имав многу малку контакти со детето, два пати по два часа месечно со него. Сега, откако најдов адвокатка, успеавме да се избориме да добијам и едно преноќување во текот на месецот, односно, сега имам 30 часа со детето на први и потоа, после 15 дена, право да го видам само уште еднаш, на 3 часа. Но ќе барам и повеќе, барем две ноќи, ако може и повеќе.

Имам 56 години и никаков проблем во животот не сум имал ниту со полиција ниту со било кој, но ете така одлучиле во социјалното. Инаку, поранешната сопруга има две деца и од првиот брак, но тие ниту еднаш не посакале да дојдат да ја видат за сето тоа време додека бевме во брак, ниту пак било кои од нејзините роднини, а има две сестри кои моето дете никогаш не ги запозна. Моите сестри и роднините кои го знаат и го сакаат моето дете, сега немаат шанси да го видат, освен за време на моите два часа со него.

Во кое својство дојдовте на оваа конференција?

Јас сум дел од иницијативата за заедничко родителство и мојот став е дека не е лошо, на почетокот, кога веќе почнал процесот на раздвојувањето на родителите, детето барем еднаш да има можност да помине цел ден со таткото кој според досегашната пракса е најчесто оној што останува без своето дете кое најчесто и се доделува на мајката. Системот е лош и треба да се смени.

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]