КАКО ТРУДНИЦИТЕ ДА ГО ПОБЕДАТ ЗАПЕКОТ

0
966

На појавата на запек, како и на појавата на други проблеми како што се болки во зглобовите и неволното мокрење – влијае лачењето на хормоните, кои „циркулираат“ по целото тело. Тие доведуваат до опуштање на мускулите кои што ги држат цревата, што влијае на забавеното движење на храната низ нив. Зголемената матка со притискањето на цревата го забавува процесот на варење, што доведува до запек. Земањето препарати со железо во бременоста може да доведе до појава на констипација.
СООЧЕТЕ СЕ СО ПРОБЛЕМОТ

Доколку сте го имале овој проблем и пред бременоста, веројатно имате и „проверени“ начини за негово отстранување. Ако тоа не е случај, не треба да се помирите со судбината, преземете нешто. Констипацијата или запекот не е само непријатност, туку секое подолго задржување на храната во цревата доведува до преминување на токсините во крвотокот, што неповолно влијае на вашето здравје, а посредно и на здравјето на вашето бебе. Исто така, може да предизвика појава на хемороиди – уште една непријатност во текот на бременоста.

ПРОМЕНЕТЕ ЈА ИСХРАНАТА

Првата мерка на претпазливост или борба со запекот е храната богата со влакна, како и зголемениот износ на течности, пред се на вода. Следниот чекор, кој ќе ја спречи појавата на запек, но и ќе помогне да се ослободите од тегоби, се вежбите. Ако досега не сте вежбале, или не можете од која било причина, или не сакате да вежбате – дури ниту поради запекот…и шетањето од половина час, со брзо чекорење, е вежбање. Во секој случај, ќе даде резултати, ако тоа го правите секојдневно, со адекватна исхрана.

БИДЕТЕ ФИЗИЧКИ АКТИВНИ

Позитивното влијание на вежбите во бременоста е повеќекратно. Пред се, ќе бидете во добра кондиција – што не е безначајно, бидејќи треба да ја изнесете бременоста до крај, а потоа и породувањето, што се споредува со тешка физичка работа. Со вежбите се стимулира работењето на срцето, кое, поради зголемената количина на крв, дополнително е оптоварено. Се јакнат мускулите и се зацврстуваат зглобовите кои ја носат вашата и тежината на бебето.
Без оглед за која програма на вежби ќе се одлучите – без оглед дали ги правите во група, во фитнес центар или на подготовки на трудници за породување, или сами дома – задолжително правете вежби за јакнење на мускулите на карличното дно, познати и како Кегелови вежби. Тие ќе ви помогнат во решавањето на проблемот со констипација, а за нивно едноставно изведување не ви е потребна стручна помош.

ИСПРОБАЈТЕ ЦЕЛНИ ВЕЖБИ

За почеток, обидете се со вежбање во лежечка положба – на грб, со свиткани колена и со перница под главата и рамениците. Концентрирајте се на мускулите во зоната на анусот и бешиката и силно стегнете ги. Држете ги така две-три секунди, па опуштете…подоцна ќе ги држите до десет секунди. Кога добро ќе ја совладете вежбата во лежечка, почнете со вежбање и во седечка, а подоцна и во стоечка положба. До четвртиот месец, можете да вежбате во лежечка положба на грб, а подоцна тоа не се препорачува – поради притисокот на матката на големите крвни садови.

loading...