Кога бебето може да почне со цврста храна?

Се смета дека доенчето до шестиот месец од животот треба двојно да ја зголеми својата тежина, а до крајот на првата година и до трипати.

0
907

Воведувањето на разновидна храна е период на голема промена кај новороденчето, кога тоа ќе се соочи со сосема нови вкусови. Воведувањето на оваа разновидна исхрана се случува обично меѓу 4.и 6. месец кога енергетската вредност на нутриентите во мајчиното млеко т.е. во млечната формула веќе не е доволна за да го задоволи брзиот раст и развој на доенчето.

Доколку детето добро напредува, мајчиното млеко може да биде единствена храна до 6-тиот месец. Секако не би требало внесот на другата храна да е пред 4. месец поради општата незрелост на дигестивниот систем која може да биде причина за алергии. Многу е важно воведувањето на новата храна да оди постепено, во консултација со вашиот педијатар.

Со која храна треба да почнете?

Се почнува со овошје и со зеленчук. Секако дека тие доаѓаат како дополнување на доењето, кое и понатаму ја има главната улога во исхраната на детето. Треба да се биде внимателен при изборот на овошјата, па на почеток се даваат оние  кои се најмалку алергогени (јаболко, круша, банана, модра слива). Напоредно се почнува со внесување на зеленчукови оброци ( компир, морков, брокула, карфиол, тиквички….).

Со зрнест зеленчук се почнува околу 9-тиот месец. Овошните и зеленчукови оброци се даваат без додаток на сол и шеќер. Овошјето и зеленчукот се природен извор на витамини и олигоелементи такашто адекватен внес на истите овозможува зголемување на заштитните механизми на организмот и придонесува за здраво растење.

Месото е еден од најважните извори на протеини и масти, како и извор на енергија и железо. Неговото воведување во детската исхрана е некаде околу седмиот месец.

Житарки. На почеток се даваат само оние без глутен, како што се ориз и пченкарни снегулки, додека другите житарки, како и лебот, се внесуваат меѓу 9. и 10. месец. Житарките изобилуваат со диететски влакна кои го олеснуваат варењето на внесената храна и ја подобруваат цревната микрофлора. Содржат железо, јод, калциум, витамини А, Б и Ц.

Не е препорачливо давање на мед пред навршување на првата година од животот. Имено, медот е познат извор на бактериски спори кои можат да предизвикаат ботулизам. Заради тоа, избегнувајте да му давате мед на Вашето бебе, бидејќи оваа болест најмногу ги погодува бебињата од 3. недели, до 6. месеци, но опасност постои и до првата година.

loading...