Кои се најголемите грешки на родителите кога му поставуваат граници на детето?

Важно да се знае како правилно треба да се казнуваат децата, за казната да биде ефикасна, а при тоа родителите не го изгубат својот авторитет и да не остават негативни последици врз психофизичкото здравје на детето.

0
1650

Наспроти родителите кои имаат тенденција по секоја цена да бидат „добри“ родители, постојат родители кои се обидуваат да постават одредени правила во однесувањето на детето, но при тоа често грешат во тој процес, па резултатот е повторно размазено дете или дете со психолошки забрани, а во краен случај преадаптирано дете со последици врз неговата самодоверба и сигурност. Во таа насока е многу важно да се знае како правилно треба да се казнуваат децата, за казната да биде ефикасна, а при тоа родителите да не го изгубат својот авторитет и да не остават негативни последици врз психофизичкото здравје на детето.

Кoи се најголемите грешки кои ги прават родителите во обидот да постават граници, а кои доведуваат до неефикасност на критиката и казната?

1. Применување на казна при првата грешка во однесувањето на детето. Ваквиот пристап го фрустрира детето и го поттикнува да размислува на одмазда и отпор. Многу е важно откако сме увиделе дека некоја постапка кај детето на е добра да примениме неколку чекори пред да го казниме. Првиот чекор е давање информација дека таа постапка не е добра, а потоа критикување на непожелната постапка.

2. Опоменување во недоглед. Откако сме му кажале на детето дека тоа што го прави не е добро т. е. дека таа постапка не е добра, а сме упатиле и критика на таа постапка, не смееме да го опоменуваме во недоглед, бидејќи ќе ги изгубиме нервите, а на детето нашиот збор ќе ми влезе на едно и излезе на другото уво и нема ефект врз промена на однесувањето. Затоа кога нашата критика не довела до промена на постапката потребно е да се ЗАКАНИМЕ СО КАЗНУВАЊЕ. При тоа и заканувањето не смее да оди во недоглед бидејќи на крајот за детето тоа се само празни зборови.

3. Погрешен вид казна. За да казната биде ефикасна од една страна, а да не нанесе штета врз самодовербата и психифизичкиот развој на детето од друга страна, потребно е да внимаваме со каков вид казна ќе му се заканиме на детето и каква казна всушност ќе спроведеме. За тоа треба да се направи разлика помеѓу потреби и желби. Основните човечки потреби (без кои не може да се живее) се физиолошки: храна, вода, сон и психолошки потреби: потреба за љубов, допир и сигурност. Овие потреби никако не смееме да му ги забараниме на детето, ниту со нивното одземање да му се закануваме. Она што би можеле да го употребиме како казна се одземањето на некоја негова привилегија. Задоволувањето на физиолошките и психолошките потреби се неопходен услов за живот и нормален развој на детето, а исполнувањето на желбите влијае само на степенот на уживањето на детето. Со одземањето на привилегиите (пр. одење во кино, театар, џепарлак, купување играчки и други забави) никако не го оштетуваме детето, туку го учиме дека еден ден како возрасен само ќе знае да ја прави таа разлика. Од друга страна одземањето на привилегијата е ефикасна казна. Единствено е важно при тоа одземањето на таа привилегија да има значење за детето, во спротивно не постои ефикасност.

4. Заканување со казна која и самиот родител знае дека нема да ја реализира. Една од најчестите погрешни изјави е на пр. „Ако не го направиш тоа, нема да те земеме со нас на летување“, или „Ќе спиеш сам дома“ итн. Со текот на времето ова стануваат празни зборови на кои детето станува глуво, а родителот го губи трпението и својот авторитет. За да не дојде до ова родителот треба да внимава да се заканува со казна што и самиот е сигурен дека ќе ја реализира, затоа таа треба да биде остварлива и реална.

5. Неистрајност на родителот во веќе спроведената казна. Принципот на истрајност бара посебна вештина. Најважно е откако родителот ќе ја реализира казната да биде истраен во нејзиното целосно спроведување, никакви преговори и умилкувања не треба да го предомислат. Обично ротителот кога казнува е лут и откако ќе му помине лутината или заборава на казната или мисли дека можеби бил престрог и ја прекинува. Е токму тоа е најголемата грешка.

Затоа, многу е подобро да дадете поблага казна и казна што сте сигурни дека реално можете да ја реализирате отколку што детето ја заслужило, но подоцна да не попуштате, туку да бидете доследни.

М-р Катерина Наумовска-Ристовска,
психолог, тренер по емоционална писменост, обучувач во работилници за родители, Центар за едукација Гравитрон-Скопје
ФБ: Гравитрон Скопје

[better-ads type='banner' banner='999' ]