Контролата на децата на интернет не треба да биде сфатена како казна

Најдобро е да се искористат сите можности кои им стојат на раполагање на родителите со цел да се заштитат од несакани содржини несоодветни за нивната возраст.

0
497

Секоја нова генерација има свои нови игри и начини на социјализација. Денес, тоа се разни „гаџети“, апликации, социјални мрежи итн. Дигитализацијата е неизоставен дел од нашиот живот, но за родителите и воспитувачите на децата таа поставува нови прашања – каква и колкава контрола да воспостават над употребата на интернетот и паметните уреди кај децата, со цел да ги искористат истите во позитивна насока и за нивен развој?

Психолозите советуваат да им се овозможи на децата да поминуваат повеќе време во игра со врсниците, родителите да поминуваат повеќе време со децата и преку разговор да дознаат кои се нивните полиња на интерес, што им носи задоволство, кои се нивните чувства, да развијат кај децата чувство на одговорност како тие би ја разбрале родителската грижа, наместо да ги толкуваат мерките за заштита само како беспричински ограничувања и казни.

Ако детето има можност да се занимава со разни активности во текот на денот и преку нив да го задоволи своето љубопитство, тогаш ќе се намали неговата потреба да биде присутно долго време на интернет и притоа да биде изложено на разни потенцијални опасности што ги носи дигиталнот свет.

– Многу поважно е да направиме нешто многу порано пред директно да го ограничиме пристапот на децата на интернет, односно да се обидеме да им помогнеме на децата самите да станат свесни за тоа што не е добро, а што е добро. Истите правила кои ги почитуваме кога посетуваме некое непознато место важат и кога е во прашање интернетот. Многу убави места и занимливи информации можеме да видиме и да научиме. Важно е да бидеме свесни и известени за опасните и мрачни улици кои не треба да ги посетуваме. Што значи, нашата улога како родители е да ги известиме децата за опасноста од некои содржини со цел да им помогнеме самите да станат свесни за тоа што не е добро – вели м-р Катерина Наумовска-Ристовска, психолог, тренер по емоционална писменост, обучувач во работилници за родители во Центарот за едукација Гравитрон во Скопје.

Таа се согласува со ставот дека не постои апсолутна сигурна заштита за децата на интернет, иако постојат програми или апликации кои можат да се инсталираат на мобилниот телефон и преку кои може да се ограничи пристапот до несоодветните содржини и да се има увид и контрола во работата на детето на интернет.

– Детето може и понатаму да ги гледа содржините на мобилните телефони кај неговите врсници, што е надвор од нашата контрола – предупредува Наумовска-Ристовска.

Најдобро е да се искористат сите можности кои им стојат на раполагање на родителите: воспитни и едукативни разговори, давање сопствен пример во користењето на уредите, поминување квалитетно/активно заедничко време со децата, сето тоа во комбинација со програмите и апликациите за родителска контрола на паметните уреди, особено за помладите и децата, со цел да се заштитат од несакани содржини несоодветни за нивната возраст, како и за определен надзор на активностите на бесплатните социјални мрежи.

Психологот нагласува дека кога родителите преземаат чекори за ограничување на која било постапка што ја прави детето, за која сметаат дека е погрешна, потребно е да се дојде до промена.

– Тоа истото важи и со оваа постапка, односно кога нашето дете гледа содржини на интернет преку мобилен телефон за кои ние сметаме дека не се добри за него. Пред се, треба да покажеме разбирање за неговиот интерес да истражува и неговата љубопитност и чувството на задоволство додека го прави тоа. Понатаму, првиот чекор што можеме да го направиме е да му ја дадеме на детето потребната информација, односно да му објасниме зошто сметаме дека таа содржина не е добра и која е опасноста по него. Доколку детето не нѐ послуша и понатаму продолжува со истата постапка упатуваме критика до неговата постапка која би била во форма, на пример, „Не ми се допаѓа тоа што и покрај тоа што ти укажав дека овие содржини не се добри ти и понатаму продолжуваш да ги гледаш – советува таа.

Но, предупредува дека ова опоменување не може да оди во недоглед без да се преземат други мерки бидејќи децата стануваат глуви на зборовите од родителот.

– Следен чекор е заканување со казна дека ќе му биде одземен мобилниот телефон на одреден период, кој го одредува родителот според неговите капацитети да истрае во казната. Би било многу погрешно доколку родителот се закани дека ќе го казни детето, а тоа не го спроведе, а уште попогрешно доколку го спроведе а не истрае целосно во казната. Затоа е подобро детето да биде казнето пократок период меѓутоа казната да биде целосно спроведена. А што ако и тоа не помогне? Веројатноста е голема, бидејќи детето е опкружено со врсници кои го прават ова, меѓутоа ние како родители треба да се обидеме и да не се откажеме – вели Наумовска-Ристовска.

Sl 3 PC- 2Психологот тврди дека родителите претставуваат модел на однесување кој децата несвесно го прифаќаат и со кој се идентификуваат. Затоа, вели, тие пред се, треба да бидат свесни за што и како ги користат интернетот и социјалните мрежи и каков пример со тоа им оставаат на децата.

– Тргнувајќи од тоа, прво родителите треба да внимаваат какви фотографии, на пример, објавуваат на нивните профили на Фејсбук за да можат да влијаат врз децата. Голем процент од родителите ги објавуваат своите семејни фотографии, фотографиите од нивните деца, заедничките одмори на кои се објавени слики од нив и нивните деца во костими за капење и тн. Што значи кога би им советувале на децата какви фотографии не треба да објавуваат ние треба да бидеме првиот добар пример. А следен чекор би бил објаснувањето за опасноста од споделување на некои фотографии на интернет – вели Наумовска-Ристовска.

Таа смета дека не е важно толку времето што детето го поминува на интернет колку содржините што се следат, како и да им се овозможи на децата друг вид активност и забава од кои исто така ќе чувствуваат задоволство, со што потребата да го бараат задоволството на интернет би се намалила.

– Сите луѓе имаме индивидуални разлики во потребата за чувство на задоволство, односно од задоволување на гладта за дразба па според тоа и се однесуваме. Некој има потреба од многу разновидни активности во текот на денот како би се чувствувал задоволен, а некому му е доволна една активност. Истото е и кај децата, па според нивните потреби се прилагодуваат и дневните ангажирања кои им нудат задоволство – додава психологот Наумовска-Ристовска.

[better-ads type='banner' banner='999' ]