Круша под круша паѓа

Панта и Марко Џамбазоски, татко и син, новинар и тапанар, и гитарист и режисер на документарецот „Ѕвезда на надежта“, посветен на култниот македонски состав МИЗАР

0
872

И нашиот пример е потврда дека во семејствата каде мнозинството се од машки пол, мајката, доколку е силна и изградена личност, е носечкиот столб – како во градежништвото, таа е статиката, вели Панта Џамбазоски, долгогодишен новинар и своевремено, тапанар во еден од најкултните бендови во музичката историја на Македонија, „Мизар“, а подоцна и краток период со „Архангел“. Новинарската кариера ја почнал во списанието „Млад Борец“, потоа бил уредник во Нова Македонија, а долго беше новинар и уредник во телевизија Телма. Во моментов е ангажиран во одделот за комуникации со јавноста при Специјалното јавно обвинителство. Неговиот постар син Марко е гитарист и оснивач на „Визија“, алтернативен рок бенд кој на листата на британскиот музички портал „Emerging Indie Bands“ беше ставен помеѓу најдобрите 10. Исто така, нивната песна „Гласот на мојата душа“ беше прогласена од  американското радио WNBR меѓу најдобрите за 2013 година. Во 2014. Марко беше прогласен за најдобар гитарист на скопскиот рок фестивал, година кога се одбележуваа три децении од постоењето на овој фестивал на кој свои почетоци имаше и „Мизар“.

Освен ова, Марко успеа да ја собере и првата постава на „Мизар“ и да го сними првиот документарен филм за нив кој беше прикажан на неколку фестивали низ регионов.

Разговаравме со нив за нивниот музички пат, но и за семејните вредности и релации, особено за релацијата татко-син.

На прашањето дали размислуваат за некој заеднички проект, велат дека не размислувале ама…

Марко: Не сум размислувал, но и не ја отфрлам можноста за такво нешто во иднина, секако доколку се роди добра идеја, а не само затоа што сме татко и син.

Панта: Јас не сум размислувал, мислам дека во овие моменти и не сум подготвен за таков проект. Прво, поради тоа што во изминативе децении „ме истроши“ трката со настаните во ова македонско општество. И, второ, затоа што кога во овој момент би влетал во приказната што на музички план ја турка Марко, тоа би изгледало како иссилен проект чија цел е да се привлечат вниманието и критиката. Но, можеби, сепак, еден ден, кога јас би бил релаксиран од сегашните професионални ангажмани и кога би имал што да кажам на музички план, би фатил линк за можен заеднички проект. Веројатно не би го прифатил предизвикот да бидам тапанар. Можеби би се вклопиле во еден албум со дел од музичката содржина изразена низ песна и текст. Истото важи и на планот на филмот. Тоа ми изгледа дури и поверојатно, за проект, можеби со мое сценарио, а во негова режија. Никогаш не се знае, се учи цел живот, а животот носи предизвици и, понекогаш, дава шанса.

Визија, Рок-фест Скопје

Какви се вашите музички почетоци и дали Панта имаше некакво влијание врз одлуката на Марко и самиот да стане музичар? 

Марко: Некаде на дванаесетгодишна возраст за првпат посакав да свирам. И тоа, на тапани! Веројатно влијанието од татко ми беше големо, но индиректно, бидејќи никогаш не ми наметнувал дека треба да почнам да свирам. Ама, тапани дома немавме, татко ми ги продал неговите уште пред да се родам, па така, бидејќи живееме во зграда, беше проблем да се купат тапани за да вежбам дома и да ги „потресувам“ соседите. Сепак, јас почнав да учам ритмови удирајќи  по тенџериња, чаши и други предмети. По извесен период, почнав сè повеќе да размислувам за гитарата, која со години недопрена стоеше во еден ќош. Научив неколку акорди и како на дрога, се навлеков на неа.

Мизар

Панта: За тапаните почнав да се интересирам во четврта година гимназија. Силен впечаток ми остави албумот „Спектрум“ на виртуозот на тој инструмент Били Кобам – да не ја купев таа плоча, веројатно немаше да запловам во бендовски води. Почнав како самоук да ги совладувам основните ритмови, иако немав инструмент. Но, пред тоа, малку фалеше мојот рок-инструмент да биде гитарата, чии основи почнав да ги совладувам самостојно. Некако, „виновници“ беа Ерик Клептон, но и тогашниот мој сосед Влатко Стефановски, кој во тие години се издигна во врвот на ју-гитарската елита. Сепак, да ја објаснам самоукоста – јас имав завршено шестгодишно музичко училиште за виолина, кое во тоа време даваше  квалитетно образование, што значи дека имав солидни знаења и од теорија, хармонија, и од инструменти. Дури, во трета година со другари од „Георги Димитров“ за малку ќе направевме џез-рок бенд во кој јас требаше да свирам на виолина. Во 1980 година заминав во војска во Бијелина, БиХ, и тогаш, за првпат засвирев на тапани во бенд, (затоа што немаше кој друг), додуша војнички состав кој подготви мал репертоар за Денот на Татковината, меѓу кои и „Од Вардара па до Триглава“. Свиревме пред високи офицери и политичари. Беа многу сериозни и ракоплескаа…. По војската, почнав да студирам на Факултетот за новинарство, а мојот студентски колега Александар Дамовски ме запозна со Горазд Чаповски и Валентин Забијакин, кои бараа тапанар. Така започна приказната Мизар, во доцната есен 1981 година.

Панта, дали имаше притисоци во тоа време од родителите, евентуално, да се откажеш од бендот?

Панта: Немаше притисоци, немаше воопшто. Родителите беа тие што секогаш ме поддржувале кога музиката е во прашање. Тие ми купија тапани од чешката марка „Амати“, како сега се сеќавам, беа изложени во „Музички магазин“ во сутеренот на ГТЦ. Секако, очекуваа свирењето да не се одрази на факултетот. Иако студиите започнаа добро, Мизар беше бенд кој брзо се развиваше, а тоа не можеше да нема последици. Првата испитна сесија се поклопи со нашите први настапи во Загреб и Белград, за кои се подготвувавме со вежбање од по 6 часа на ден. Не дадов ниту еден испит! И наредната сесија се поклопи со важни настапи надвор од Македонија. Ја паднав првата година! Но потоа запнав, успеав да ги усогласам музиката и студиите и факултетот ми тргна редовно, го завршив со многу добар успех.

Свиреше ли се уште во Мизар кога го доби Марко? Дали го насочуваше во музиката?

Панта: Марко се роди во 1993 година, а мојата приказна со Мизар заврши на почетокот од 1987 година. Веќе работев во неделникот „Млад борец“. Една година подоцна Ристо Вртев реши да прави бенд, не повика мене, Драган Гиновски-Гино и Дејан Аргировски-Ушко. Започна новата, исто толку убава приказна, овојпат со името Архангел. Таа прва постава имаше два многу добри концерти – едниот во МКЦ кој беше запознавање на публиката со тој  нов бенд. Сите што требаше да бидат на концертот, беа. И беа согласни дека во иднина без Архангел нема да може да се зборува за македонска рок-сцена. Една година подоцна,  јас се вработив во Нова Македонија, а ситуацијата во Југославија почна да се „вари“, секојдневно известував од турбулентните настани во Косово. Бендот трпеше заради моите работни обврски. Самиот се повлеков од Архангел, избирајќи го новинарството како единствена професионална преокупација.

Марко, како го доживуваш музичкото минато на татко ти, со оглед на тоа што направи и документарец за Мизар?

Марко: Јас воопшто и не го паметам татко ми како музичар, бидејќи неговиот музички пат се случувал пред јас да дојдам на овој свет. Дури немав видено ниту една видео снимка, затоа што тие тешко излегуваа од архивата на МТВ. Но, од секогаш ми биле интересни приказните кои ми ги раскажувал татко ми за почетоците со Мизар, за пречките кои ги имале пред себе, за нивната прогресивност, првите концерти и турнеи… Сето тоа што го слушав ми поминуваше низ главата како некој филм. Многу години подоцна, тој филм што се врткаше низ мојата глава, успеав и да го реализирам во документарен филм за Мизар. Се ангажирав да допрам до некои снимки од архивата на државната радио-телевизија, да го подбуцнам татко ми да стави во компјутер некои необјавени аудио-снимки што ги поседуваше и за првпат да слушнам, да видам и да почувствувам како и навистина изгледало тоа што дотогаш само сум го замислувал.

Дали мислиш дека можеби требало да продолжи  да се занимава професионално со музика?

Марко: Тешко прашање… Честопати му велам да почне повторно да свири и да се врати во тие води иако, знам  дека од некомерцијална музика е многу тешко да се живее во едно општество какво што е нашево, а уште повеќе кога тој има одговорност за семејството. Не би сакал да му се мешам, но се надевам дека во блиска иднина, повторно ќе ги фати палките и ќе удри по добошот.

Панта, има ли шанси да се вклучиш повторно во некој музички проект па макар и само еднаш, доколку решите на пример, да се собере првичната постава на Мизар за некаков настап или повод?

Панта: Последното нешто што сум го отсвирил официјално,  беше пред неколку години, една нумера на албумот-првенец на новинарскиот бенд „Репортери“, како гостин музичар. Албумот, како и се во оваа наша држава што се прави со малку пари, беше на „јуриш“. Песната ја снимив со две слушања и од вторпат отсвирена. Посакувам да можам комплетно да ѝ се посветам на музиката. Но, во овие времиња, кога живеачката е од први до први, тоа е невозможно без да се загрози сигурноста на семејството. За потпрашањето за Мизар оставам времето да покаже. Во овој момент не сум ниту против, ниту за.

Мизар

Марко беше избран за најдобар гитарист на рок фестивалот во МКЦ пред некоја година, а и неговиот бенд Визија е доста успешен и надвор од Македонија? Какво е чувството со оглед на тоа што и самиот имаш слично искуство со Мизар, какви се твоите прогнози, твоите желби и што го советуваш Марко во тој контекст?

Панта: Јас сум многу горд на Марко. Тој е одличен студент, момче со многу бистар и прогресивен ум, знае да разгранички квалитет од неквалитет, уметност од шунд. Кога изрази желба да свири гитара, покрај нашата стара домашна, веднаш му купивме електрична. Одеше на часови кај џез – гитаристот Петков. Не го насочувавме о д дома каква музика да слуша и како да свири. Неговиот компјутер и пред тоа беше полн со добра музика која ја слушаше, половината од тоа беше музика што и јас на негови години сум ја слушал, и тоа без никакво наметнување. Бев позитивно шокиран кога го слушнав првиот настап на Визија. Не само што песните беа одлични, туку и свирењето на сите членови на бендот. Технички беа поквалитетни од тоа што беше Мизар на своите почетоци. Но, очигледно е дека денес за бендовите, особено во Македонија, е потешко отколку пред три-четири децении. Медиумите речиси воопшшто не берат гајле за рок музика, а за некомерцијалната пак, ич муабет и да не правиме. Но, мојот совет е да си го слушаат срцето и да продолжат бескомпромисно. Па макар и без тим кој работи за нив, без медиуми, без некој спонзор кој ќе застане како покровител, каква и што е ситуацијата со нив сега. Добрата музика сепак останува. Го советувам да имаат поагресивна филозофија за бендот и за музиката кога станува збор за медиумското претставување кое е многу важно. Британски и американски музички медиуми ја оцениле многу позитивно нивната музика, и тоа споредувајќи ја во светски рамки. Визија е светски бенд.

Марко, какви беа советите од татко ти со оглед на тоа што и самиот бил во слична ситуација, да студира и да свири во успешен бенд?

Марко: Не знам дали советите од моите родители или сепак, мојот избор на факултет беше пресуден… По завршувањето на средното училиште, јас се запишав на ФИНКИ. Уште во првиот семестар сфатив дека тоа не е факултетот што е најдобар за мене. Кога утврдив „колку е часот“, решив да си го послушам срцето, за кое сметам дека е наклонето кон уметноста, и да се префрлам на Факултетот за драмски уметности, на Катедрата за филмска и ТВ монтажа. Да бидам искрен, моите родители беа по малку скептични, бидејќи ме очекуваше и приемен испит, а примаа само 6 студенти и тоа еднаш на четири години! Се подготвував долго и, на крајот, успешно го минав приемниот испит и бев примен. Тогаш ја воочив разликата во однос на претходниот факултет, и сфатив колку е важно да студираш тоа што го сакаш, а не нешто што си го запишал само затоа што, по правило, нуди поголеми шанси за добра и сигурна работа. Што се однесува до музиката, мислам дека таа ми помогна да го совладам предизвикот, бидејќи филмот и музиката се навистина блиски едно со друго, па ете во текот на моето студирање, за еден од испитите, снимив и музички спот за мојот бенд, за песната „Гласот на мојата душа“.

Панта, дали одиш на концертите на „Визија“ и умееш ли да ги искритикуваш?

Панта: Во Скопје и низ Македонија сме биле речиси на сите концерти и јас и сопругата Валентина. И таа му изразува еднаква поддршка на Марко, како и брат му Филип, кој сега е матурант и кој неодамна се заинтересира за гитарата и почна да учи занает на гитарите на Марко. Се разбира, секогаш на Марко му кажувам отворено како поминал концертот. Најпрво во стилот дека биле супер, а потоа почнувам да „солам памет“ по што знаеме и да се развикаме еден на друг. Но во основа, не се работи за големи критики – всушност, мене секојпат кога сум на негов концерт, ме фасцинира што свират добро, без некои покрупни киксови, какви што мене на пример, со Мизар ми се имаат случувано и што се добри деца, секогаш културни и трезни. Затоа, пак ќе речам, недостасува само медиумска поддршка. Но, во Македонија денес, многу работи се извртени наопаку.

Како реагираше твојата сопруга кога беше јасно дека во семејството ќе има и втор музичар?

 Панта: Валентина е силен поддржувач на ангажманите на Марко, како во однос на музиката, така и на планот на филмот. Таа е професор, јас новинар, но мислам дека кога станува збор за уметноста, културата и алтернативата сме уште посилни. Мислам дека без нејзините јасни ставови Марко немаше така лесно да влета и во рок музиката и во студиите на Факултетот за драмски уметности и во двете да биде мошне успешен. И нашиот пример е потврда дека во семејствата каде мнозинството се од машки пол, мајката, доколку е силна и изградена личност, е носечкиот столб – како во градежништвото, таа е статиката.

Промоција на спотот на „Визија“

Марко, што мислиш, дали е татко ти подобар како музичар или како новинар? Како го доживуваш ти?

Марко: Не би можел да направам таква споредба. Мислам дека сè што работел татко ми го работел со љубов и го давал максимумот. Како го доживувам? Како татко!

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]