Нашите деца плаќаат висока цена за визијата на општеството за успех!

Нарцизмот и меѓучовечкиот натпревар рапидно растат па не е чудо што многу млади луѓе се соочуваат со ментални болести.

0
217

Индивидуалните ограничувања повеќе не се признаваат и неуспехот не е опција! Не е чудо што менталните болести кај младите се на застрашувачко ниво.

Објавен е уште еден извештај кој го покажува застрашувачкото ниво на ментални болести кај децата и младите во светот. И порано се пишуваше за тоа, но и се минимизираше оваа појава. Не треба повеќе да ги држиме главите во песок бидејќи нешто дефинитивно оди во погрешна насока.

Обично како виновници се посочуваат лошите станбени услови, лошата исхрана, недостатокот од вежбање, семејните конфликти, стресот поради сиромаштијата и недоволната поддршка од државата. Но во голема мера овие работи биле присутни и во минатото, па сепак не продуцирале ментални болести. Постои друго објаснување, а тоа е дека на нашите деца им е украдено детството и тие на некое ниво се свесни за тоа и се спротивставуваат со бес и фрустрации.

Важно е да се потенцира дека се случува пораст на ментални болести кај децата, а не пораст на несреќни деца. Тоа се различни нешта. Менталните болести се несреќа која не е свесна за себе, несреќа која произлегува од конфузијата и од двојните стандарди. Зошто ваква конфузија? Главно, тоа се должи на идејата дека достигнувањата, успешноста и натпреварувањето се најважни. Достигнувања на што? Натпревар за што? И кога сето тоа завршува? Има ли крај? Во минатото кога менталните болести помеѓу младите луѓе беа речиси нешто нечуено, достигнувањата и успешноста, иако посакувани, не беа најважни. Многу луѓе во минатото не го продолжуваа школувањето на факултет. И тоа не беше страшно бидејќи се сметаше дека не може секој да биде исклучителен и успешен. Не беше грешка да се најде вработување во локалната продавница или во фабрика, да се најде пристоен партнер за заеднички живот, да се добијат две деца. Сето тоа беше нормално и многу луѓе го прифаќаа тој начин на живот.

Но работите се сменија во светот на општествените очекувања. Неколку генерации претходно бевме многу пореални. Класната структура на општеството и нашите индивидуални граници – таквите работи тогаш се признаваа – значеа дека неколкумина од нас можат да постигнат големи успеси. Но ништо од тоа не беше важно се додека имавме пристојна работа, заедница, домови, семејство. Очекувањата беа во рамките на реалноста. Сега повеќе не е така. Денеска постојат сосема нови вредности и не само што се смета дека секој може да направи нешто ако сака, туку дека сите би требало да направат нешто. Во спротивно, треба да се прогласат за неуспешни.

Нарцизмот и меѓучовечкиот натпревар рапидно растат па не е чудо што многу млади луѓе се соочуваат со ментални болести. Имено, успешноста е здрава, но не мораме сите да се стремиме кон височините за да се чувствуваме добро во сопствената кожа. Општетството е составено главно од помали или од средни достигнувања, и е голем товар ако се чувствуваме лошо поради она што сме. Успехот треба да се редефинира како постигнување за кое некој се чувствува дека е способен и кое е во рамките на индивидуалните можности, а не поради тоа што тој успех е наложен од општеството како нешто што мора да се направи по секоја цена за да се биде во склад со фантазијата која за повеќето постои единствено во блескавите магазини и во универзитетските проспекти.