ПИСМО ОД РОДИТЕЛ Жена ми е опседната со хигиена, децата страдаат, институциите неми

А има ли некој што би ме разбрал мене? Само поради тоа што не можам да живеам во апотекарски режим на хигиена, осуден сум да бидам без децата.

0
1304
Family problem

Во изминатите денови бевме сведоци на повеќе текстови за поддршка на Иницијативата за воведување на заедничко старателство по развод, но и на дијаметрално спротивни текстови, во кои доминираше мислењето дека воведување на еден таков закон би бил штетен. Единствено, за жал, јавноста е лишена од мислење на надлежните институции. И кога надлежните институции се неми, нормало е родителите, кои се буквално препуштени сами на себе, во очај, да се препукуваат по социјалните мрежи и секаде кадешто ќе стигнат. Да си ја вршеа институциите својата работа како што треба, веројатно немаше да дојдеме до ситуација да имаме огромен број исфрустирани родители, баби, дедовци, тетки, и пред се деца.

Разводот е сам по себе исклучително стресен, а ако на тоа се додаде и фактот дека живееме во стресно време и голем број луѓе секојдневно се борат со егзистенцијални проблеми, нужно е да функционира државна институција, која советодавно би работела со родителите додека се разведуваат и особено со нивните деца. Многумина емотивно го доживуваат разводот, ги обзема лутина, поради што не се во состојба реално да видат што е најдобро за децата. Повеќе од потребна им е помош од стручни лица, кои би им ги отвориле очите и би им помогнале да ги совладаат емоциите и да ги тргнат суетите. Неприфатливо е државата да не се грижи за оние родители, кои минуваат низ депресивна епизода, или пак имаат одредени психички проблеми, што е се почеста појава.

Убеден сум дека преку институционална помош многу бивши сопружници би успеале да најдат заеднични јазик во интерес на нивните деца, та дури и верувам и дека некои бракови би биле и спасени. Од искуството што го имам, слободно можам да кажам, дека наместо да ни биде пружена советодавна помош, ни беше ставено до знаење дека час поскоро треба да се разведеме и да не се обраќам за помош.

Не се познававме доволно добро со поранешната сопругата, кога одлучивме да стапиме во брак, откако остана бремена. Раѓањето на првото дете беше најсреќниот ден за нас, а набргу потоа бевме благословени со уште едно детенце. Уште на самиот почеток од заедничкиот живот забележав дека мојата тогашна сопруга е премногу опседната со хигиената, нешто што претходно не можев да го забележам. Има нагон секој ден да чисти и не дозволува ништо да се помрдне. Забрани гости да ни доаѓаат, нѐ тераше и мене и децата постојано да миеме раце и да се капеме, алишта постојано се переа, а никој освен неа не смееше да отвори плакар. Кога таа не беше дома и ние не смеевме да останеме за да не се растурало. На почетокот сметав дека можеби се работи за некакво хормонално пореметување како последица на породувањето.

Трпев додека можев, но со оглед дека нејзиното чудно однесување прогресираше, одлучив да се обратам за помош во Центарот за социјални работи – одделение за семејство и брак. Очекував дека ќе бидам љубезно примен од цел тим, составен од социјален работник, педагог, психолог и правник, но наместо тоа бев пречекан со зборовите „Ако не ти чини жената разведи се, ние тука не може да ти ја смениме жена ти“. Не добив одговор на прашањето што ќе биде со децата. Со поголемото дете отидов во Центарот за ментално здравје на деца и младинци, кадешто специјалист констатираше дека е нужно да се работи со нашето семејство и ми даде писмено мислење, со кое го повикува Центарот за социјални работи да преземе мерки и да ги заштити интересите на детето.

Но, кога го однесов мислењето во Центарот за социјални работи, бев дочекан со зборовите „Кој е овој бе, па што ако вака напишал“ и повторно ми беше нагласено да поднесам барање за развод. Добив впечаток дека гледаат само како да се отарасат од родителите кои имаат некаков брачен конфликт и на што е можно полесен начин да се ослободат од некој предмет.

Децата ѝ ги доделија децата на мајката со образложение дека поради степенот на возраста имале потреба повеќе да бидат со примарниот родител, без притоа да утврдат дали таа може да им пружи услови за здраво и среќно детство. Останаа глуви на моите апели дека на мајката на моите деца ѝ е потребна стручна помош со оглед дека применува еден невиден режим на хигиена, кој што, верувајте, тешко кој би можел да го поднесе. Во станот воопшто не влегува дневна светлина бидејќи постојано се спуштени ролетните за да не влегувал смог и да не се валкале прозорците. Со оглед дека станува збор за жена на која хигиената ѝ е прв приоритет, добива изливи на бес доколку некој се обиде било што да помести. Децата се жалат дека и играчките им ги пере во машина и им ги расипува, а забрането им е да цртаат, да бојат, или да играт со пластелин. Децата после училиште или градинка не одат дома за да не се наруши хигиената во станот. Постарата ќерка на училиште не смее јакната да ја закачи на закачалка, туку ја става во кеса која секое утро ѝ ја дава мајка ѝ. Вопшто не е спорна љубовта на мајката кон децата, како и љубовта на децата кон нивната мајка. Секако дека таа има одредени квалитети и дека е грижлива мајка, но сметам дека има потреба да ѝ се помогне да увиди дека одредени нејзини навики се штетни по развојот на децата.

Кулминација на непрофисионално и несовесно работење на Центарот за социјално работи претставува начинот на којшто е донесено последното Решение, со кое се одредува начинот и динамиката на средбите на мене како татко со децата. Во образложението е наведено дека стручен тим остварил посета кај мене и кај мајката, како и во училиштето во кое оди постарото дете, односно градинката која ја посетува помалото дете. Од страна на градинката издадена ми е писмена потврда во која се наведува дека стручен тим најавил посета, но истата подоцна ја откажал, а од страна на мајката на децата бев информиран дека стручнот тим не остварил посета на домот во кој што таа моментно живее со децата. Овие посети не биле остварени бидејќи наводно на стручниот тим не му било одобрено да користи службено возило. Тврдењето дека е направена некаде посета, без тоа навистина да се случи е скандалозно само по себе, а уште повеќе доколку се имаат предвид изнесените сомнежи за начинот на кој живее мајката на децата. Како после ова можам да имам доверба во оваа институција? Вложив жалба до второстепен орган, но и од таму целосен молк.

Покрај ова, Центарот за социјални работи воопшто не следи дали Решение, кое самите го носат се спроведува. Во повеќе наврати им се обратив со молба за помош дека често имам проблем да ги земам децата во пропишани термини. Од друга страна мајката знае да ми ги даде децата ненајавено вон термин, но под нејзини услови, кои не се предвидени со Решението. Иако мајката не го спори фактот дека децата ме обожуваат и дека сум многу грижлив татко, во одредени периоди не ми ги дава децата, бидејќи ќе се налути дека не сум им ги измил доволно рацете, а ако се разболат секогаш мене ме обвинува за тоа. Ми забранувала да ги носам на игралиште, базен или игротека за да не фателе некој вирус. Имало периоди со недели да не си ги видам децата. Од друга страна, во периоди на опседнатост со чистење, имало и случаи да не сака да ги прими. Сѐ почесто самите деца не сакаат да ги вратам кај мајка им, а последниот пат помалото дете децидно ми рече „Тато, јас не сакам повеќе да живеам со мама“.

А јас, не знам веќе како можам да им помогнам на децата и каде да се обратам. Иако неколку пати во врска со ова бев примен во Центарот за социјални работи, сѐ се сведуваше на празни дебати без конкретен резултат. На моите поплаки, стручните лица ми одговараа дека и мајката имала забелешки на моите родителски капацитети. Токму тоа е уште една причина да ни биде пружена советодавна помош. Искрено не се сеќавам дека стручен тим работел со нас на подобрување на родителска комуникација и градење на меѓусебна доверба..

Потребно е во оваа прилика да се истакне и дека условите во кои работат стручните лица во Центарот за социјални работи се мизерни. Сместени се во стар објект, кој плаче за реновирање. Работат по неколку луѓе во иста канцеларија и се случува во исто време да има повеќе странки, што е пречка за нормален разговор. Кога видов на што личи тоалетот, веднаш ми помина потребата од нужда. Воопшто не ме чуди што дел од вработените се со истенчени нерви и со загубена емпатија. Кај дел од нив може да се забележи ентузијазам, но очигледо им се врзани рацете за нормално функционирање.

Сосема за крај да се вратам на актуелата тема. Поучен од моето искуство, кое ми кажува дека надлежните институции не функционираат, или нивното работење се сведува на импровизација, целосно ги разбирам оние кои бараат законски измени со кои ќе им се дадат подеднакви права и на родителите,кај кои не се доверени децата по развод. Има голем број совесни и грижливи татковци, на кои без никаква причина им е одредено минимално време на видување со своите деца и не можат да влијаат врз развојот на своите деца. Срамота и греота е грижливи и совесни татковци да имаат ограничени видувања од неколку денови, или неколку часа месечно со своето дете, да не може да учествуваат во неговиот развој и да немаат право да донесат ниту една клучна одлука за иднината на дететото.

Од друга страна, можам да ги разберам и оние мајки кои се противат нивните деца половина од времето да го минуваат со татковците, ако надлежната институција не излегува на терен да ги провери условите во кои детето ќе го минува времето, а камоли да прави вонредни ненајавени контроли. А има ли некој што би ме разбрал мене? Само поради тоа што не можам да живеам во услови на апотекарски режим на хигиена, осуден сум да ги гледам децата неколку дена во месецот и тоа под услови одредени од нивната мајка.

loading...