Проблемот со забременување не се лекува само со ин витро

Скрининг методата е ултразвучен преглед при кој се откриваат голем дел од евентуалните аномалии кај плодот, но не секогаш се откриваат хромозомските аномалии

0
2171

Доктор Ирена Андонова е гинеколог-акушер вработена во болницата „Филип Втори“, кадешто, како што вели, наскоро се очекува да биде отворен и оддел за породување и згрижување на жените во текот на овој убав настан од животот. Засега, кога станува збор за бременост, во болницата постојат многу анализи и терапии со кои може да се дојде до посакуваната бременост, освен ин витро, а се прават и сите прегледи во текот на самата бременост, вклучувајќи и методи за откривање на хромозомски аномалии со земање на крв преку  мајката и изолирање на  феталните клетки.

Со доктор Андонова зборувавме за ова, како и за најчестите прашања и проблеми врзани со бременоста.

Колку прегледи се задолжителни во текот на бременоста кај прворотките, а колку кај повеќеротките?

Антенеталната грижа во светот се спроведува на медицина базирана на докази и на голем број на студии направени во светот. Според препораките на гинеколошко- акушерските асоцијации основната препорака е да се прави преглед еднаш месечно  до 28. гестациска недела, а потоа на 2 недели до 36. Гестациска недела. После тоа, прегледите се закажуваат еднаш или неколку пати неделно, во зависност од природата на бременоста. Секако, доколку при рутински контроли се утврди било какво отстапување или бременоста е во категоријата на високо ризични бремености, ќе биде потребно помало растојание помеѓу контролите. Или да заклучиме,  бројот на контролни прегледи во бременоста зависи од утврдените присутни или отсутните проблеми во бременоста отколку од тоа која е по ред.

Често може да се слушне дека за разлика од порано кога се правеа само по еден-два ехо прегледи и крвна слика, денеска, без оглед на возраста на родилките, се прават едно чудо прегледи кои кај повозрасните родилки се уште побројни…Има ли навистина потреба од сите тие прегледи и кои се според вас оние најбитните, а без кои може да се „помине“?

Сите прегледи се важни, затоа и се ставени во препораките за антенатална контрола. Содржината на прегледите не е секогаш иста и зависи од повеќе фактори. Така, има некои работи и анализи кои се карактеристични за одреден преглед и во одреден лунарен месец, кои се прават само тогаш. Така е и со прегледите поврзани со ултразвучен скриниг. Исто така, постојат и протоколи за лабораториски иследувања. Точно е дека  порано не се правеле толку прегледи, но и стапките на несакани исходи на бременоста биле повисоки отколку денес. Затоа,  целта ни е сега да обезбедиме сигурно мајчинство, со навремено откривање и превенирање на компликациите кои можат да се јават во бременоста.

Во кој период од бременоста можат да се утврдат евентуални аномалии кај плодот?

Скринингот за структурни аномалии на плодот се врши од 18-22. гестациска недела. Скрининг методата е ултразвучен преглед со кој се врши детална анализа на сите органи и структури на плодот, и се што отстапува од нормалните параметри се нотира. Голем дел од аномалиите се откриваат при овој преглед. Но она што секоја трудница треба да го знае е дека со овој преглед не секогаш се откриваат хромозомските аномалии, а понекогаш може да не се дијагностицираат и некои помали минорни аномалии. Скринингот за Дaун синдром се врши ултразвучно и преку земање на крв од трудницата од 10 до 13. гестациска недела. Притоа, ако резултатот што трудницата ќе го добие е 1 спрема некоја вредност, во превод тоа значи дека од толку трудници (согласно вредноста) само 1 има шанси да има хромозомопатија. Како посигурна метода денес се тестовите на земање на крв преку  мајката, со изолирање на  фетални клетки од нејзината циркулација, а потоа правење на хромозомска анализа.

Кои се најчестите прашања што ви ги поставуваат пациентките?

Она што најчесто ме прашуваат пациентките е секако: Дали е во ред бебето? или Дали се е во ред? Што претпоставувам дека речиси секоја трудница го поставува кога оди на доктор. Многу често во денешно време добивам прашања од типот: Дали може да патувам и до колку далеку може да патувам? Во вакви ситуации одговорот зависи од месецот на бременоста, потоа, од тоа дали постојат некои ризични фактори, од далечината на дестинацијата, од потребата за примена на соодветни вакцини или терапија при престојот во таа земја и слично.

Дали можете да направите некаква проценка за тоа кој е просекот на возраст на жените денеска кога се одлучуваат за прва бременост?

Знаеме сите дека живееме во динамично време. Животот денес е поразличен од порано, а современите текови кои се диктираат и бараат жената да биде пред се реализирана професионално, но и во општеството, влијаеше на поместеување на границата за првата бременост.   И доколку порано границата била  24- 25 години денес тоа е 28-30 години. Тоа е тренд не само во Македонија, туку и насекаде во високоразвиените општества.

Која е најчестата причина за проблематична бременост и дали во вашата пракса се соочувате со голем број вакви случаи?

Во институцијата во која работам најмногу се третираат срцеви проблеми, па така најчесто тие пациентки кои имаат проблеми со срцето својата бременост ја контролираат кај нас, поради потребата од конзилиарен пристап на проблемот.

Дали третирате жени кои не можат да забременат, односно, постои ли во вашата болница можност за ин витро оплодување? 

За жал, се уште не е отворен одделот за ИВФ, но мора да потенцирам дека не секој проблем со забременување се лекува со ИВФ. Постојат многу други анализи и терапии со кои може да се дојде до посакуваната бременост, а ние, во одделот ги пружаме сите. Од амбуланта, до дијагностика, медикаментозни и оперативни техники, се со цел да одговориме на потребите и да добиеме задоволни пациенти.

Обично бремените жени се породуваат кај лекарот што го одбрале да ја следи нивната бременост…со оглед на тоа што во вашата болница немате таква можност, каде ги упатувате жените за тој последен чин од бременоста?

Во нашата болница се подготвува одделот за породување и згрижување на жените во текот на овој убав настан од животот. Такашто,  се надевам дека наскоро на сите пациентки чии бремености ги водиме, ќе им овозможиме и целокупен третман, или со самиот чин на породување ќе го заокружиме во една целина. Во основа, цело е кога има се!

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]