Рана стимулација на детскиот развој

Раната стимулација се применува од раѓањето до шестата година, со цел да се достигне максимум во физичкиот, когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој на детето и да се одбегнат несакани состојби во развојот воопшто.

0
1030

Детето се раѓа со голем потенцијал, а за истиот да се развива оптимално, потребни се соодветни стимулации уште од најраната возраст. Тоа значи на детето да му се понудат и дадат можности да искуси, истражува, да игра и да прави разни нешта во опкружувањето околу него. Ваквата рана стимулација вклучува движења на телото и употреба на сите сетила, особено видот, слухот и допирот. Кога го стимулираме детето, ние всушност му даваме различни можности да истражува и да развива вештини и способности на сосема природен начин и така да разбира што се случува околу него.

КОЈА Е ЦЕЛТА НА РАНАТА СТИМУЛАЦИЈА?

Раната стимулација се применува од раѓањето до шестата година, со цел да се достигне максимум во физичкиот, когнитивниот, емоционалниот и социјалниот развој на детето и да се одбегнат несакани состојби во развојот воопшто. Целта на стимулацијата не е развојот да се забрзува, присилувајќи го детето да достигне цели за кои не е подготвено, туку да се препознае и охрабри потенцијалот на секое дете како индивидуа и да му се понудат предизвици и адекватни активности за зацврстување на иницијативата, учењето и себевреднувањето.

ОБЛАСТИ НА ДЕТСКИОТ РАЗВОЈ НА КОИ МОЖЕ ДА СЕ ДЕЛУВА ПРЕКУ РАНАТА СТИМУЛАЦИЈА

Прва област во која може да се делува е грубата моторика. Стимулацијата на движењата, контролата на телото и рамнотежата ќе му помогне на детето да се движи, да прави различни нешта, да си игра и да работи.

Поттикнувањето на употребата на рацете, пак, ќе му овозможи на детето да ја зголеми контролата и координацијата на рацете кон и во однос на она што го гледа, а со тоа да равива и различни манипулативни вештини.

Друга важна област се сетилата. Нивното стимулирање, а особено видот, слухот и допирот, ќе му помогне на детето да го распознава, доживува и соодветно да одговара кон надворешниот свет.

Раната стимулација во областа на комуникацијата е важна за развој на слушањето, разбирањето на она што е кажано, учењето на детето да зборува или да комуницира на било кој друг можен начин. Исто така, поттикнувањето на интеракцијата ќе му помогне на детето да научи да ги изразува емоциите и да се однесува со и кон другите луѓе.

Преку поттикнување на набљудувањето, мислењето и изведувањето на различни работи, на детето му се помага да научи да донесува промислени и интелигентни одлуки.

Исто така, особено важна област на детскиот развој на која може да се делува со раната стимулација се вештините за грижа за себе, како јадење, пиење, облекување, мочкање, лична хигиена и слично, преку кои детето станува посамостојно.

ПРИНЦИПИ ЗА СООДВЕТНА ПРИМЕНА НА РАНАТА СТИМУЛАЦИЈА

При примена на раната стимулација, секогаш треба да се има предвид дека секое дете е различно и дека има свое темпо на развој, па оттука параметрите за тоа што е „нормално“ за одреден период од развојот треба да се сфатат пофлексибилно и да бидат само ориентир во воведувањето на стимулациите и соодветните активности за бебето, а не цел сами за себе.

Стимулацијата треба да биде позитивно доживување и искуство за детето, па оттука тоа не треба да се присилува на ниедна активност. Исто така, за успешна стимулација, важно е детето да биде добро расположено, наспано и да не е уморно од премногу стимулации. Само тогаш кога детето учествува во стимулациите со внимание, тоа прави свесен напор да учи за светот кој го опкружува. И што е уште поважно, мора да се има предвид дека вниманието на детето е ограничено на краток временски период, па истото не треба да се присилува да соработува подолго време.

Најдобар начин да се стимулира детето е играта, бидејќи во најраната фаза од развојот тоа е предиспонирано да учи и усвојува нови нешта токму преку игра.

Особено е важно дека интеракцијата е подобра од набљудувањето, па затоа наместо родителот да го остави детето да си игра, треба и тој да си игра заедно со него, „оживувајќи“ му ги играчките, давајќи им глас и движења – начин на кој и самото дете ќе ја развива имагинацијата.

Она што има најголемо влијание врз развојот на детето е неговото најнепосредно опкружување. И наједноставните предмети за него претставуваат „чудесни“ нешта кои сака целосно да ги доживее со сите свои сетила – очите, ушите, устата, носот, прстите. Тие му ја предизвикуваат љубопитноста и го поттикнуваат да истражува, па затоа истото не треба да му се ускратува. Исто така, треба да се има на ум дека задоволувањето на љубопитноста на детето ќе го направи да сака да дознава уште повеќе.


Децата имаат тенденција да бараат повторно и повторно нешто да слушнат или да прават едно исто нешто. Тоа е затоа што тие најдобро учат токму преку повторување. Штом детето еднаш ќе научи нешто, тоа ќе ужива во повторувачкиот процес затоа што тоа му овозможува да антиципира што следува потоа. На пример, при читање на омилената приказна повеќе пати, детето може толку добро да ја запомни, што самото ќе ги кажува краевите на повеќето од речениците. Меѓутоа, и
сто така важно е повторувачките стимулации да се прекинат тогаш кога тоа ќе почне да преминува во навика на детото, а што тогаш таквата стимулацијата е бескорисна за понатамошно учење.

ПРЕПОРАКИ ЗА РОДИТЕЛИТЕ ЗА ПЛАНИРАЊЕ И ПРИМЕНА НА РАНАТА СТИМУЛАЦИЈА

  • Набљудувајте го детето за да видите што може, а што се уште не може да прави во секоја од развојните области. Штом ќе разберете како детето размислува, што знае и како ги изведува активностите, ќе научите и како да му помогнете да ги применува и подобрува тие вештини;

  • Забележете ги работите кои штотуку почнува да ги прави или се уште ги прави со потешкотии и одлучете кои нови вештини или активности ќе ги вежбате или охрабрувате, кои, пак, ќе му помогнат на детето да ги надгради вештините што веќе ги има усвоено;

  • Секоја нова активност или вештина поделете ја на повеќе мали чекори односно активности кои детето може да ги усвои за ден-два, па преминете на следниот чекор. Секогаш започнете со она што детето веќе може да го прави и охрабрете го да направи и малку повеќе од тоа;

  • Бидете трпеливи, дајте му на детето време за да одговори на вашето прашање или барање, дајте му можност и тоа да зборува, а вие слушајте, и запомнете дека повторувањето и практичната примена се особено важни;

  • Направете ред односно структура. Потрудете се секој ден да си играте или вежбате со детето во исто време, а играчките, предметите, облеката и слично секогаш да ги оставате на исто место. Исто така, бидете доследни во стилот на воспитување, учење и однесување кон детето. На она што го прави детето и на неговите потреби, секогаш реагирајте на ист начин. Со сето ова ќе му помогнете на детето полесно да разбере како фунционираат нештата и да се чувствува посигурно;

  • Повторувањето е важно, но исто така и разновидноста! Малите промени во начинот и местото на извршување на активностите ќе придонесе тоа да биде поинтересно, да не биде еднолично и никому да не му биде здодевно;

  • Користете ги различните лицеви експресии и тонот на гласот за да ги изразите вашите мисли и чувства и да му ги покажете на детето. Зборувајте јасно и едноставно, но не користете бебешки говор. Често пофалувајте го и охрабрувајте го детето;

  • Бидете практични. Користете ја секоја можност, секое место и активност за да го поттикнувате детето да развива различни вештини. За да му помогнете да постигне поголема самостојност, немојте кон него да се однесувате премногу заштитнички;

  • Уживајте во времето поминато заедно со вашето дете!

    м-р Василка Галевска Јовчевски дефектолог-терапевт,
    Калинка- Центар за ментално здравје, стимулација на развој и третман на развојни отстапувања

[better-ads type='banner' banner='999' ]