Шарени чорапи и нокти за Денот на лицата со Даунов синдром

Облечете шарени чорапи и излакирајте шарени нокти, порачуваат од Центарот на лица со Даунов синдром кои по повод Светскиот ден на овие лица вчера организираа хуманитарна трка во Градскиот парк во Скопје, а утре продолжуваат со одбележувањето во Кинотека на Македонија

0
273

Вчера, во градскиот парк во Скопје се одржа хуманитарна трка на која учествуваа деца со Даунов синдром, нивните семејства и пријатели, како и стотина граѓани кои за котизација од 200 денари истрчаа еден километар.

Трката беше организирана по повод утрешниот (21 март) Светски ден на лицата со Даунов синдром. Токму за таа цел се предвидени и други активности чија цел е подигање на јавната свест за лицата со Даунов синдром во Македонија.

Така утре, во Кинотекатата на Македонија ќе бидат промовирани неколку кратки видеа, меѓу кои и едно од видеата што неодамна во рамките на кампањата „Биде фер – за детство без пречки“ го промовораше УНИЦЕФ, а во кое се појавува Нина Костова, фармацевтски техничар и лице со Даунов синдром.

Дел од одбележувањето на овој ден ќе биде и изложбата фотографии „Нераскажани приказни“ на фоторепортерот Огнен Теофиловски.

Во знак на поддршка на лицата со Даунов синдром, организаторот – Центарот за Даунов синдром, ги повикува сите кои ќе дојдат да присуствуваат на овие настани утре да облечат шарени чорапи и да излакираат шарени нокти.

Годинешниот Светски ден на лицата со Даунов синдром се одбележува под мотото #MyVoiceMyCommunity – оспособување на луѓето со Даунов синдром да бидат чуени и целосно вклучени во заедницата.

loading...