Што поскоро да се отвори Центар за аутизам

Во нашето општество повеќе години се зборува за отварање на Центар за аутизам, но овој процес оди многу бавно и за жал, голем број на деца пораснаа без да бидат вклучени во квалитетен рехабилитациски третман и се оставени без соодветна подршка, вели Горан Петрушев, претседател на Сојузот на дефектолози на Македонија.

0
666

Сѐ повеќе аутистични деца и деца со проблеми во говорот. За ова, како и за проблемите кои ги следат децата со попреченост и нивните родители и за улогата на дефектолозите во процесот на нивното образование, зборувавме со Горан Петрушев, претседател на Сојузот на дефектолози на Македонија.

Постојано слушаме за тоа дека во училиштата нема дефектолози, дека недостасуваат средства за работа, но и пристапни рампи, лифтови и слично…Што е главниот проблем, законите или има недостаток од кадар?

Во Република Македонија процесот на инклузија на децата со попреченост е започнат од пред околу 20 години и во целиот овој период  постојано ги слушаме проблемите кои Вие ги поставувате во ова прашање. Суштината на проблемите во процесот на инклузија е во тоа што не постои организиран систем преку кој ќе се дефинираат правилата за вклучување на децата со попреченост во редовна настава, нивниот напредок во текот на наставата, условите кои треба да ги исполнува училиштето, улогата на наставниците и стручните соработници, како и улогата на родителите. Исто така, како  доминантен проблем е и непостоењето на ресурсни центри за поддршка на учениците кои се вклучени во редовното образование. Тука морам да напоменам дека нашиот образовен систем со сегашната  поставеност не овозможува целосна инклузија за сите деца со попреченост. Секогаш треба да го имаме предвид квалитетот на услугите кои треба да се обезбеди за да може секое дете да го оствари своето право за квалитетен живот, а со тоа и квалитетна настава преку која ќе стекнува нови знаења и вештини, такашто не треба да се инсистира на инклузивно образование по секоја цена и за сите деца со попреченост, туку да се поаѓа од можностите на детето и условите кои може да ги обезбеди средината.

Многу родители се во ситуација да ги напуштат своите работни места или да работат скратено работно време за да ги придружуваат своите деца на училиште затоа што не се во можностсамите да плаќаат личен асистент, дефектолог, или логопед за своето дете кое е инклузирано во редовното образование. Кажете ни дали има некакви подобрувања на повидок?

За жал, за децата со попреченост на кои им е потребна придружба во училиштето досега нема некои битни подобрувања иако во последниов период во тек се некои проекти за воведување на личен асистент така да во наредниот период очекуваме ова да биде овозможено за сите деца со попреченост кои имаат таква потреба. Секако, моделот за лична асистенција треба законски да се реши, но треба да се воведе и асистент во наставата, со што во голем дел ќе се олесни пристапот за децата со попреченост во редовното образование.

Како соработуваат дефектолозите со наставниците во редовното образование кога станува збор за деца со попреченост во развојот или за деца со посебни потреби?

Дефектолозите во редовните училишта се стручни соработници и еден дел од нивните работни задачи е и работата со наставниците. Дефектологот ги поддржува наставниците во работата со децата со посебни образовни потреби, со посебен акцент врз изработката на индивидуалниот образовен план и реализација на истиот, како и во соодветно вклучување на овие ученици во редовната настава и во другите воспитно-образовни активности. Дефектологот им дава стручна помош на наставниците при изборот и изработката на инструменти за оценување на знаењето, дава насоки за неопходни модификации и адаптации на наставата и се грижи за развој и јакнење на инклузивната клима во училиштето.

Можете ли да ни кажете некои конкретни примери за тоа со што сѐ се соочуваат и како вие можете да им помогнете на овие деца и на нивните родители?

Родителите на децата со потежок степен на попреченост имаат големи проблеми при уписот на нивното дете во училиште. Тие често се во дилема дали да го запишат своето дете во редовно училиште или во некое од посебните училишта. Доколку се одлучат за редовно училиште тогаш често поминуваат низ еден трнлив пат на неприфаќање на нивното дете поради тежината на попреченоста затоа што во поголемиот дел од училиштата не постојат соодветни услови за квалитетно инклузивно образование. Родителите мора да ангажираат стручно лице за придружба на нивното дете кое најчесто сами го плаќаат, често се соочени со негодувања од родителите на останатите деца, а во повеќето училишта постои и негативен став од наставниците, па во текот на целото образование на нивното дете родителите се принудени постојано да се носат со оваа негативна инклузивна клима што неретко доведува со префрлање на децата во посебно училиште или во друго редовно училиште, а тоа негативно влијае на самото дете со попреченост. Голем проблем е и степенот на напредување во наставата за децата со попреченост. Има голем број на деца кои само физички се вклучени во редовна настава и се препуштени сами на себе и на нивните родители без поголема грижа од училиштето и пошироката заедница. Сојузот на дефектолози на Република Македонија во континуитет го следи процесот на инклузија и постојано предлагаме мерки за подобрување на овој процес до надлежните институции. Она што е најбитно да се направи е да се донесе стратегија за образование на децата со попреченост со која ќе се направи реформа во целокупниот систем на образование на овие деца и да се усвои новиот Правилник за процена на способностите на децата со попреченост кој е базиран на функционалната проценка. Со овој Правилник се предвидува проценка на функционирањето на децата со попреченост, односно што детето може и кои ресурси му се потребни за да го оствари тоа (лични асистенти, асистенти во настава, помагала, адаптации итн..). Со креирање на еден ваков систем кој ќе биде координиран и насочуван од едно централно стручно тело во потполност ќе се решат сите проблеми со кој сега се соочуваат децата и нивните родители, но и училиштата, наставниците, дефектолозите и другите чинители во процесот на инклузија на децата со попреченост.

Сведоци сме на тоа дека има се повеќе деца со аутистичен спектар на нарушувања….во согласност со вашето искуство, дали е тоа и ваш впечаток и дали кај овие деца мое да има некаков напредок доколку правилно им се пристапи? Какви се вашите искуства?

Да, бројот на деца со аутистичен спектар на нарушување се зголемува, како во светски рамки, така и кај нас. Секако дека има напредок во нивниот развој кој е значително поголем доколку рано се започне со соодветен бихејвиорален, дефектолошки и логопедски третман и вклучување на овие деца во соодветни сервиси за поддршка на нивните семејства, вклучување во градинка итн. Во нашето општество повеќе години се зборува за отварање на Центар за аутизам, но овој процес оди многу бавно и за жал, голем број на деца пораснаа без да бидат вклучени во квалитетен рехабилитациски третман и се оставени без соодветна поддршка. За решавање на овој проблем треба многу брзо да се реагира, да се отвори Центар за аутизам и да се направи програм за откривање, рана интервенција, образование и домување на лицата со аутизам во Република Македонија

Кој е најчестиот проблем денеска кај децата, имаше некои информации дека е сѐ поголем бројот на деца со проблеми во говорот?

Денеска слободно можеме да кажеме дека најчестиот проблем кај децата е тоа што голем дел од времето тие го поминуваат пред електронските уреди а тоа негативно влијае на нивниот развој, пред сѐ, на моториката и говорот. Негативното влијание на овие уреди е поголемо доколку возраста на детето е помала, така да поголем број на стручни лица препорачуваат во првите пет години од животот на детето да се исклучи или да се намали користењето на компјутер, таблет и други уреди како и што помалку време да се поминува пред ТВ со гледање на цртани филмови од туѓо говорно подрачје. Децата треба времето да го поминуваат со родителите и со врсниците, да им се зборува и да се разговара со нив, повеќе да се насочуваат кон игри во природна средина, со природни материјали, што позитивно ќе влијае на нивниот развој.

Текст: Драгица Христова

loading...