Што треба да се избегнува во текот на доењето?

Не чинело да се јаде грав и зелка?! Јагоди и цитруси?! Сигурни сте? Од овој момент имате наша препорака да не се воздржувате однапред од ништо што спаѓа во храна!

0
5336

Сигурно веќе ве испоплашиле кога сте станале мајки и сте почнале со доење. Пријателите и семејството веројатно побрзале да ви кажат дека ве чека рестриктивна диета и почнале да ви набројуваат што се не е добро да јадете затоа што во спротивно тоа нема да се рефлектира добро врз бебето.
Главен и на сите познати „виновници“ се варената зелка, мешунките, јагодите, цитрусите, итн…И мајките многу често се лишуваат од овие намирници кои пак од друга страна, токму тогаш некако и повеќе им се јадат! Кој би ѝ одолеал на ладна лимунада среде лето? Или на јагоди во јуни?
Од овој момент имате наша препорака да не се воздржувате однапред од ништо што спаѓа во храна!
Сета храна што ја внесувате многу малку влијае врз вкусот на млекото. Мајчиното млеко содржи лактоза која му дава слаткаст вкус и тоа му е секогаш основен и најсилен вкус. Еве ги најчесто посочуваните „виновници“ помеѓу намирниците:

Мешунки – ги внесуваме веќе преработени во форма која е прилагодена за нас. Со накиснувањето во вода и долгото варење, се трудиме да ги направиме што посварливи и за нашиот дигестивен тракт. Мајчиното млеко ги црпи сите хранливи состојки од крвта па со самото тоа до протеините, на пример, од гравот, доаѓа во целосно преработен облик од оној како го добиваме ние. Токму од таа причина на бебињата мешунките речиси никогаш не им претставуваат проблем.
Цитруси – (портокали, грејпфрут, лимон) – исто така не поретставуваат било каква „опасност“ за бебињата, ниту пак влијаат врз вкусот на млекото (не го прават кисело!)
Јагоди – само потрудете се да најдете непрскани јагоди!
Зачини – под ова мислиме на црн пипер, луто пиперче, куркума, кари, цимет, итн. – речиси незабележливи во вашето млеко, а сепак доволни за да му овозможат на бебето разновидност на вкусови.

Иако на нашите простори постојат алергии, на пример, на грејпфрут и јагоди, бебето преку вашето млеко ќе им биде изложено во „разблажен“ облик па со самото тоа нема бурно да одреагира, туку постои можност за благо нафрлање или помала вознемиреност. Тоа ќе ви бидат и идеални сигнали и рани знаци дека „виновникот“ треба да го исфрлите од исхраната, а посебно да бидете внимателни со воведувањето на истиот во исхраната на своето дете кога ќе почне да консумира немлечна храна.
Значи, не си ускратувајте себеси ништо од погоре наведеното однапред, односно, јадете сѐ, сѐ додека бебето не покаже дека му пречи.

Она што треба да го лимитирате во својата исхрана и она на што многу бебиња бурно или благо реагираат е следното:
Било кој витамин што содржи железо или само железо во вид на терапија. На бебињата може да им пречи и доколку забележите зачестени грчеви, прекинете со нивното внесување барем неколку недели, додека дигестивниот тракт на бебето не созрее.
Кравјо млеко и останати кравји млечни производи. Последниве години тие се покажале како први на списокот од „проблематичните“ и некои бебиња навистина бурно реагираат во вид на грчеви, исфрлување, зелени столици, итн. Секако, лимитирајте сѐ од оваа група, земајте повеќе ферментирани производи, а доколку забележите некои од погоре наведените симптоми кај бебето целосно исфрлете ги сите кравји производи барем на неколку недели.
Шеќер – во вид на купечки овошни сокови, колачи, сладолед, шеќер во кафето, газирани напитоци. Намалете го нивното консумирање на разумна мерка, најидеално во вид на црно чоколадо!
Индустриски месни преработки – овие производи секако не треба да бидат дел од ничија исхрана, а особено не на мајките што дојат.
Кофеински напитоци – не избегнувајте кафе или чај, но сведете ги на една до две шолји на ден.

На оваа листа можете да се додадат некои познати блокатори на млеко, кои би било идеално да ги избегнувате, а тоа се: маточина, нане, жалфија и магдонос.
Исто така, доколку ви е препишана било каква терапија во вид на фармацевтски лекови, консултирајте се со советничката за лактација дали е лекот компатибилен со доењето или не (за оваа информација се користи прирачникот „Лековите и мајчиното млеко“ од Др.Томас Хејл).
Уживајте во храната што ви годи и во многу овошје и зеленчук кои ги има во лето, а бебето секако ќе ужива во вашето млеко.

loading...