Татковците не плаќаат алиментација, децата страдаат

Во моментов многу деца се оставени да гладуваат затоа што системот не нуди брзи решенија за случаи кога нивниот старател не ја добива алиментацијата.

0
1315

Деновиве, во некои кругови на самохрани родители се појави дилемата околу толкувањето на член од Законот за семејство кои некои од нив го протолкуваат како едноставно решение со кое, доколку таткото, односно родителот задолжен да плаќа алиментација, не ја извршува обврската, неа ја презема државата.

Овие дилеми околу толкувањето на член 178 од Законот за семејство (чл. 178: Во случаите во кои меѓусебното издржување на членовите на семејството и на другите роднини не може да се оствари во целост или делумно, Републиката на необезбедените членови на семејството им обезбедува средства неопходни за издржување под услови определени со закон.) се обидовме да ги расчистиме со помош на Мила Царовска, претседателка на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ.

Со оглед на честите случаи кога по разводот на бракот таткото не ја плаќа алиментацијата за детето или децата, некои самохрани мајки засегнати од ова, посегнаа по член 178 од Законот за семејство и го протолкуваа вака: ако таткото не плаќа алиментација, обврската треба да ја преземе државата. Дали е ова добро толкување?

Членот 11 и членот 178 од законот за семејство се однесуваат на тоа дека членовите од семејството имаат обврска меѓусебно да се издржуваат. Ако немаат можност да се издржуваат (тоа треба да го докажат пред суд), тогаш Републиката преку други закони како што е Законот за социјална заштита ќе обезбеди друг тип на заштита. На пример, ваков тип на заштита најчесто се јавува кај стари лица кои немаат никакви приходи и се баратели на постојана парична помош. Доколку тие лица имаат деца со примања, тогаш тие се должни да ги издржуваат. Ако децата не сакаат да ги издржуваат родителите или родителите не побаруваат (треба да ги тужат децата) од децата да бидат издржувани тогаш може да се спроведе постапка за откажување од децата. Кога ќе се исцрпат сите други можности за издршка на старото лице тогаш Центарот за социјална заштита може да додели социјална парична помош на лицето или да го смести во старски дом и да го покрие трошокот за негово сместување.

Во случај на развод, правото на издршка на еден од партнерите и/или на детето е регулирано со законот за семејство. Судот донесува одлука за висината на издршката согласно материјалната состојба на партнерот кој треба да ја плаќа издршката и на потребите на детето согласно неговата возраст. Судот кога ќе процени и донесе одлука за висината на издршката тогаш членот 178 се исполнува. Лицето кое има обврска да се грижи за своето дете и по разводот добило решение од суд за висината на издршката и одговорноста која ја има.

Кон ова решение може да се побара ревизија. Исто така, измена на сумата согласно потребите може да побара другиот партнер или центарот за социјална работа доколку утврди дека детето има потреба од поголема издршка.

Ако не се почитува решението, лицето одговара кривично. Ова не го решава проблемот затоа што за лицата кои навистина немаат никаков приход е неправедно. Дополнително, целото семејство, меѓу кои и децата, се стигматизирани поради тоа што едниот родител е во затвор. На родителот пак, кој е во затвор, му го одземаме правото да заработува во месеците во кои е во затвор, а со тоа нема да може да ја исплати издршката за следните месеци и целиот тој круг на случување само се продлабочува.

Кое решение го нуди државата сега доколку таткото не плаќа алиментација, а мајката нема доволно средства за себе и за детето?

Во моментов многу родители се оставени со своите деца да гладуваат затоа што системот не нуди брзи решенија во вакви околности. Дополнително, некои од родителите го изигруваат законот па прикажуваат лажни податоци на својата материјална состојба (отстапуваат имоти на други лица, намалуваат приходи преку трансакциона сметка….). постапките траат исто така долго и се тоа одзема многу од квалитетот на живот на детето кое треба да е највисок интерес во вакви постапки. Ако се утврди дека родителот кај кого е детето нема други примања согласно Закон за социјална заштита може да го оствари правото на Постојана парична помош ако детето е до 3. годишна возраст или социјална парична помош ако е над 3 години. Ако родителот работи како самохран родител има право на повисок детски додаток за 75% по закон за Заштита на детето.

Родителот кој треба да плаќа издршка, ако не ја плаќа, може да биде кривично обвинет.

Што може да се понуди како решение во иднина со некои измени во законот?

За да се спречат манипулации со издршките потребни се посилни системи за следење на овие постапки, но и подигање на јавната свест на родителите кон децата по разводот. Секаде во светот е високо нивото на јавна свест и кон родителите кои не се грижат за своите деца по разводот се гледа како на неодговорни граѓани. Дополнително, фирмите кадешто се вработени овие родители имаат обврска да ја конторилираат исплатата на издршката.

За да се олесни пристапот до средствата утврдени за издршка државата може да ги исплаќа парите кон детето, а да ги побарува од родителот кој има обрска  да исплаќа издршка. Со воспоставување на Државен фонд за издршка голем дел од проблемите кај проблематичните исплати на издршка ќе се надминат. Дополнително во Кривичната одредба наместо да стои дека секој кој не ги исполнува обрските за ова ќе одговара кривично, да се додаде дека материјално депривираните лица нема да одговараат кривично, туку дека во моментот кога ќе се стекнат со средства или ќе се утврди дека се исполнети условите да плаќаат издршка ќе почнат со исплаќање.

Има ли воопшто некакви актуелни механизми со кои татковците што не плаќаат алиментација и не се грижат за своите деца можат да бидат натерани да го прават тоа?

Како што споменав погоре. Тие што имаат средства со заканата од затворска казна се присилуваат. Секако моделот не е најсоодветен.

Што со оние кои навистина немаат финансиски можности за да даваат издршка, доколку е тоа случај и со мајката? Чаре за детето? 

Во минатата година бевме сведоци баш на ваков случај. Кадешто мајка на која неправедно и беа одземени децата и имаше обврска да плаќа издршка, а не е вработена и нема никакви приходи беше осудена со казна затвор. Прашањето е како може центрите за социјална работа и судовите да направат вакво нешто? Сите тие треба да го бранат интересот на детето. Како го бранат интересот на децата кои само што претрпеле траума од разводот и ограниченото видување со мајката сега па и нивната мајка ја праќате во затвор затоа што нема пари за издршка. Мислам дека е навистина апсурден целиот систем. Дополнително што е и нехуман.

Затоа во Кривичниот закон треба да се додаде дел кој ќе утврди дека материјално депривираните лица нема да плаќаат издршка до моментот на промена на таа состојба.

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]