Воспитајте го детето, па пуштете го да сурфа на интернет!

Родителите мора да ги предупредат своите деца за сите опасности што може да ги сретнат како во реалниот така и во виртуелниот свет.

0
518

Ако порано на шега велевме дека децата се раѓаат со факултет, денес слободно можеме да кажеме дека се раѓаат со вештини за паметни телефони и за интернет комуникација. Но, колку што е добро тоа што во секој миг го имаат светот на дланка, толку и виртуелниот свет е полн со стапици кои се опасни за наивните и љубопитни детски очи.

Децата се особено ранливи кога се присутни во дигиталниот свет затоа што сè уште немаат стекнато вештини за комуникација, а може да бидат изложени и на содржини несоодветни за нивната возраст.

deca2
– Родителите, преку процесот на воспитување, може многу да направат за да ги заштитат децата од опасностите на кои се изложени, како вон интернет така и додека ги користат новите технологии. Прво и основно е развивање и одржување однос заснован на доверба и редовна комуникација. Ако детето знае како да се однесува вон интернет, многу полесно ќе може да ги примени тие вештини и во дигиталната комуникација. Родителот мора да посвети време и внимание, преку директна комуникација со детето, да дознае што всушност прави детето кога седнува на компјутер, таблет или мобилен телефон. Често тоа може да биде низ игра и дружење што ја зајакнува меѓусебната врска, наместо во форма на испрашување – советува Филип Стојановски, програмски директор во Фондацијата Метаморфозис.

Мошне е важно родителите да бидат во чекор со новите технологии, кои се развиваат со огромна брзина и создаваат јаз меѓу генерациите.

– Децата често сами или преку своите другарчиња откриваат работи со кои се занимаваат на интернет и преку своите смарт уреди, а за кои родителите не ни претпоставувале дека постојат. Децата имаат и поголемо искуство од родителите, бидејќи едноставно имаат поминато повеќе часови работејќи со нив. Родителот може да побара од детето да биде во улога на подучувач, со што ќе ја зголеми неговата самодоверба. Се разбира, родителот е оној кој ги поставува правилата и треба да ги прилагоди на возраста на детето – додава Стојановски.

deca3
Отворениот разговор за потребите од користењето на интернетот, игрите и социјалните мрежи е корисен обострано – и за да се контролира колку време детето ќе поминува на интернет и со каква намена, и за родителот да знае дека има увид во виртуелниот свет на детето и да има чувство дека има контрола врз отворените дигитални страници.

– Односот е сосем различен ако детето има три, осум или тринаесет години. За помалите деца треба поедноставни стриктни правила и поголем надзор, на пример поставување на компјутерот кое детето го користи во дневната соба и чести разговори за содржините. И мало дете, кое е способно да разбере содржина на видео на јутјуб, може да сфати дека има лоши работи кои треба да ги избегнува. За повозрасните деца има потреба да се балансира со нивото на контрола, за да не се создаде контраефект на бунт и недоверба – вели Стојановски, кој истакнува дека е важна и улогата на наставниците во процесот на развивање свесност за опасностите на интернет и упатува на веб-сајтот www.bezbednonainternet.org.mk каде се поместени куси видео клипови и едукативни игри, како и упатства за родителите и наставниците.

Модерната технологија им овозможува на родителите да го контролираат детето во виртуелниот свет од „далеку“. Користењето напреден интернет софтвер може да помогне да се филтрираат штетните содржини, да се проверуваат сајтовите кои ги посетува вашето дете и да дознаете што прави кога е онлајн на својот паметен телефон или компјутер.

– Алатките за родителска контрола се компјутерски програми кои овозможуваат родителот да повлијае одредени содржини или веб-сајтови да не бидат достапни преку компјутерот или смарт уредот на кој е вклучен дадениот софтвер. Таквите алатки исто така овозможуваат информирање за претходните активности за кои бил користен компјутерот или смарт телефонот. Пред да почне да користи некоја од нив, важно е родителот да се запознае со можностите што ги нуди, како дел од добрата практика што треба да се следи при инсталирање на кој било нов софтвер. Апликациите за родителска контрола може да заштедат време или да послужат како систем за рано предупредување доколку детето прави нешто што може да го доведе во ризик. Но, тие не се семоќни и не претставуваат целосна замена за родителското внимание и развивање однос на доверба со детето – предупредува Стојановски.

Тој советува ваквиот надзор да биде во соработка и со знаење на децата, особено ако се тие на поголема возраст, зашто децата се способни и да ги заобиколат техничките ограничувања и да ве надитрат.

Како и да е, најважно е детето да сфати дека дигиталниот свет не е безбедно место за играње и дружење и дека мора да се оспособи самостојно да ги избегнува ризиците или да се соочува со нив. Оваа лекција треба добро да ја совладаат и родителите, кои мора да ги предупредат своите деца за сите опасности што може да ги сретнат како во реалниот така и во виртуелниот свет.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]