Зошто треба детските заби да се залеваат?

Често се случува залевката да падне и тогаш се повторува целата постапка.

0
803

Залевањето на фисурите е превентивна метода за заштита на трајните заби на децата од кариес. Со залевањето се спречува развој на кариес на џвакалните површини на забите. Истражувањата покажале дека токму во овој дел од забите најчесто започнува кариозниот процес, поради тоа што храната тука се задржува и настануваат забни наслаги. Залевките делуваат како бариера за храната и овозможуваат полесно чистење.

Вообичаено се залеваат преткатниците и катниците на млечните и на трајните заби кај децата.

Посебно внимание се обрнува на заштитата на првиот катник, кој никнува околу шестата година. Тој заб има посебна важност во понатамошниот развој на долниот дел од лицевите структури и за правилно функционирање на виличниот зглоб.

Залевањето се прави исклучиво на здрав заб.

Постапката е едноставна, и што е најважно, за децата таа е безболна. Прво со паста се отстрануваат меките наслаги, па се нагризува забот со 37% фосфорна киселина и потоа се аплицира залевачот кој се осветлува со специјална ламба. На крајот се корегира висината и се полира. Залевачот најчесто содржи флуор, кој дополнително ги зајакнува забните структури. Често се случува залевката да падне и тогаш се повторува целата постапка.

И покрај тоа што се залеани фисурите и јамичките на забот, тоа не значи дека забот не може да биде зафатен од кариес. Затоа треба и понатаму забите да се мијат 2-3 пати дневно и редовно да се оди на контрола кај стоматолог, па на време да се реагира при појава на кариес.

Пишува: д-р Јасмина Трајковска – Пети

peti

[better-ads type='banner' banner='999' ]