265 двојки се венчале благодарение на апликацијата на владата на Токио

Апликацијата TOKYO Enmusubi беше пуштена во употреба во септември 2024 година, откако истражување покажало дека околу 70 отсто од луѓето кои сакаат да стапат во брак не преземаат активни чекори за пронаоѓање партнер.

За да се надмине оваа незаинтересираност и да се обезбеди дека ќе се пријавуваат само лица кои навистина сакаат брак, кандидатите морале да докажат дека законски не се во брак и да поминат онлајн интервју, покрај исполнувањето и на други услови.

Според податоците што ги објави градската власт во Токио овој месец, заклучно со 30 јуни годинава, апликацијата имала 16.000 регистрирани корисници. Тие биле избрани од околу 36.000 пријавени кандидати.

Во исто време, 760 двојки биле во „сериозна врска“, а 265 веќе стапиле во брак.

Градските власти ја пренесуваат приказната на корисничка со псевдоним „Желка“, која рекла дека ја инсталирала апликацијата како „последна шанса“ пред да наполни 40 години.

– По неколку состаноци на слепо, на крајот на август го запознав мојот сегашен сопруг, а во средината на септември започнавме сериозна врска. На крајот на декември ја прифатив неговата понуда за брак- раскажала таа.

Во меѓувреме, Јапонија продолжува да се соочува со демографски предизвици. Според владините податоци објавени во јуни, во 2025 година се родиле само 671.236 бебиња од јапонски родители, што е најнизок број досега и десетта последователна година на пад на наталитетот.

Во истата година биле регистрирани повеќе од 1,6 милиони смртни случаи, што е повеќе од двојно од бројот на новороденчиња.

Стапката на фертилитет дополнително се намалила на 1,14 деца по жена, иако бројот на склучени бракови бележи мало зголемување.

Друг корисник на апликацијата, кој се претставил под псевдонимот „Скајтри“, објаснил дека системот со вештачка интелигенција им помага на луѓето полесно да донесат одлука дали да се запознаат.

– Вештачката интелигенција ја прикажуваше компатибилноста со потенцијалните партнери во три нивоа, па дури и кога не сте сигурни дали сакате да се сретнете со некого, високата оценка за усогласеност може да ви даде дополнителна мотивација. Оценката за компатибилност меѓу мене и мојата девојка беше совршена – рекол тој.

апликацијаЈапонија