Одењето во парк е вообичаена рутина за родителите. Активностите на отворено им даваат можност на децата да се дружат, а во исто време да бидат на чист воздух. Овие заеднички искуства често се драгоцени моменти за целото семејство. Но, Хрватката Инес Мартиновиќ, магистер по примарно образование, едукаторка по интегративна телесно ориентирана психотерапија и мајка, забележала една работа што родителите ја прават кога се со децата во парк, а не би требало да ја прават.
Таа зборува за тоа на Тик-Ток, кадешто објави видео за методот што многу родители го користат кога е време да го напуштат паркот.
„Гледам дека родителите, кога е време да си одат дома од паркот, а детето не сака затоа што му е забавно, велат: „Во ред, тогаш си одам сам!“ „Тоа функционира ако детето соработува и тргне со родителот. Но, со тоа само го плашиме детето дека можеме да го оставиме“, вели таа.
Инес вели дека не треба да останеме во парк додека детето сака ниту да го молиме до недоглед за да си одиме дома. Таа советува што би можеле да направат родителите наместо да користат празни закани.
„Пред да одите во парк, кажете му на вашето дете каков е отприлика планот. На пример, објаснете му дека ќе одите во парк на кратко, а потоа ќе мора да одите дома на ручек. Кога е време да одите дома, можете да му најавите дека за десет минути ќе треба да си одите“, советува таа.
Тврди дека е клучно да му соопштите на детето кога ќе си одите за да може да се подготви за тоа. Таа, исто така, дава и неколку совети во случај детето да каже дека не сака да оди.
„Прво, испочитувајте му ги емоциите и покажете разбирање, но одржувајте ја границата. Откако ќе ги уважите емоциите на детето, можете да му понудите два избора. На пример, можете да го прашате дали сака нормално да си оди дома или да скока како жаба. Можете да смислите и некоја игра. Детето смее да е незадоволно, но не треба да останувате во паркот поради тоа. Во ред е сепак да го напуштите паркот и да го утешите детето ако е тоа потребно“, заклучила Инес.