Ако вашето дете е вегетаријанец, има поголема шанса за неисхранетост


Ако се прашувате дали вегетаријанската исхрана е здрава за вашето дете и какви здравствени разлики може да донесе во споредба со оние деца кои јадат месо, новата студија покажува што точно ве интересира – единствената разлика е поголема шанса за неисхранетост.

Една неодамна објавена студија опфатила речиси девет илјади деца на возраст од само шест месеци до осум години и ги следела нивните навики во исхраната. Секоја проверка вклучувала индекс на телесна маса, нивоа на холестерол, триглицериди, витамин Д и нивоа на железо во крвта. На почетокот на студијата, 248 деца биле вегетаријанци (вклучувајќи 25 вегани), а до крајот, станале вегетаријанци и други 338.

Во просек, развојот на секое дете бил следен околу три години и било проценето дека нема значајни разлики во индексот на телесна маса, висината, тежината, нивото на витамин Д и феритин помеѓу децата кои јаделе месо и оние кои не јаделе месо. Сепак, децата кои не јаделе месо имале речиси двојно поголема веројатност да бидат неисхранети.
Неисхранетоста може да биде знак за недоволно внесување на хранливи материи, односно диета која не може да го поддржи растот и развојот, но потребни се повеќе податоци за да се дојде до поконкретен заклучок. Оваа студија не ја зела предвид физичката активност, социоекономскиот статус и другите фактори кои би објасниле зошто децата ќе имаат поголема веројатност да бидат неисхранети.

Она што е јасно е дека секој што размислува за вегетаријанството, а особено ако тоа важи и за децата, мора да води сметка за разновидна исхрана која ќе ги покрие сите хранливи материи неопходни за телото. Тоа значи постојано истражување на нови рецепти и намирници, но и консултација со лекарите по потреба.

вегетаријанцидецаистражувањемесонеисхранетост