Бебе родено со 700 грама, си замина дома со 2200 грама

Предвреме роденото бебе Викторија кое дошло на свет пред два ипол месеци на Универзитетската Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје, по престој на неонатолошките интензивни одделенија, на 18 март си заминало дома во добра општа состојба и со уреден наод на виталните функции. Трудницата која е прворотка била хоспитализирана на ЈЗУ УГАК – Скопје на 27.12.2021 година. Бременоста ѝ била оптоварена со повеќе ризици, а породувањето се извршило спонтано.

„Бебето беше родено на 04 јануари годинава, предвремено во 26 гестациска недела, со екстремно мала тежина од само 700 грама, со должина од 28 сантиметри и со апгар 3/5/5. На 18.03.2022 година од Клиниката за гинекологија и акушерство беше испишано со 2200 грама телесна тежина. Во периодот на престој на нашите одделенија, новороденото имаше комплексен третман. Во интензивниот третман применета е механичка вентилациона поддршка во првите 21 ден од раѓањето. Потоа новороденото беше ставено на кислородна поддршка со неагресивна механичка вентилација до 67-от постнатален ден, со постојан мониторинг на виталните функции и кислородна заситеност со пилсоксиметрија и гасни анализи. На бебето му се направени сите скрининзи кои се пропишани во Националната програма на Министерството за здравство и го испративме од ГАК со прецизни поуки за контрола и за следење на растот и на развојот. Новороденото беше испишано во добра општа состојба, со пораст на телесната маса, стабилно и витално. Нашата најмала хероина во 2022 година првпат влезе во својот дом во Скопје изминатиот петок, по 2,5 месеци поминати на неонатолошките интензивни одделенија на ЈЗУ Клиника за гинекологија и акушерство – Скопје. Тимот од педијатри/неонатолози, медицински сестри и акушерски секојдневно ја следеа нејзината здравствена состојба и заедно со новороденото ги добија сите предизвици кои се испречуваа пред нив“, се вели во соопштението од ГАК.

бебеГАКпредвремено родени