Мајките и ќерките зборуваат за многу работи, но има еден разговор што Сузан Борегард (49) и нејзината мајка Анита Шир (89) долго време го одложувале – што ќе се случи кога ќе дојде време за тоа, со саканиот порцулански сервис на нејзината мајка, пишува Њујорк Тајмс.
Сузан вели дека речиси никогаш не го користи ниту својот фин порцелан, кој го добила како свадбен подарок, а сега чувствува дека има обврска да се погрижи и за сервисот на нејзината мајка, кој веројатно само ќе седи некаде во плакарот. Сè што Сузан навистина сака од својата мајка се неколку фотографии и венчалниот прстен на нејзината мајка, кој планира еден ден да му го подари на синот за неговата идна вереница.
Во следните денови, Сузан ќе мора да има разговор со мајка си од кој многумина се плашат: ќе мора да ѝ каже дека всушност не сака ништо од работите што нејзината мајка сакала да ѝ ги даде. Секоја чест за сочуваниот порцелан и разните чинии и садови за сосови. Ништо од тоа не ѝ треба. Како што старее генерацијата на бејби бумери, количината на предмети во нивните домови се зголемува – како и нивото на непријатност со кое разговараат за тие предмети со своите родители. Кога овие луѓе ќе почнат да се преселуваат во помали станови или куќи, ќе имаат многу работи што едноставно нема да можат или нема да сакаат да ги земат со себе.
„По пензионирањето се преселивме во помал стан. Дури и да сакаме, не би можеле да ги земеме сите работи со нас“, велат Тена и Реј Блум.
Пред да се преселат, нивните деца земале неколку работи со себе, вклучувајќи нов кревет, маса и столови. Но, приборот за јадење и садовите – тој заштитен знак на средната класа – не ги интересирал. Зошто сакаме работи што не ни требаат? Оваа опседнатост со таложење на предмети во домот започнала по Втората светска војна, кога воените ветерани и нивните семејства се преселиле во градските предградија. Кога ќе се венчале младите парови добивале прибор за јадење и садови како подарок кои требало да им служат цел живот.
Во исто време, финиот прибор за јадење бил еден вид статусен симбол, вели Џулиет Б. Шор, психолог од Бостонскиот колеџ и автор на книгата: Америка која премногу троши: Зошто сакаме работи што не ни се потребни? Но, денешната младина поинаку гледа на овие работи.
Предметите како на пример, метла, се нешто што се користи кратко и набрзо се фрла и едноставно се купува нова.
Купувањето нови работи изгледа пологичен избор за младите отколку да наследат нешто од бабите и дедовците. Тоа претставува значителна промена во материјалната култура, вели Мери Кеј Бујсе, сопственичка на агенција за преселби која им помага на постарите лица при преселбата во помали домови.
„Сега за прв пат гледаме промени во наследните обичаи. Честопати се јавува проблемот што по родителите кои се преселиле во помал стан, остануваат еден куп работи што никој не ги сака“, вели Трејси Ниро, сопственичка на друга агенција за преселување.
„Некои од овие работи завршуваат на аукција, некои на веб-страници за продажба. Има и некои фирми за ликвидација со кои работиме, па и тие земаат дел од работите“.
Ниро вели дека генерацијата која сега заминува во пензија и се вселува во помали домови е буквално преплавена со мебел. Причината за тоа е модата во уредувањето на домот, која многу брзо се менува, но и фактот што луѓето можат да ги купат сите овие работи. Многу деца ги носат работите што нивните родители не можат да ги земат со себе во помал стан, само за да ги израдуваат. Всушност, овие работи често ќе завршат во ѓубре или во некоја хуманитарна организација.