Филмот „Барби“ ја поттикнува новата лудост на „ТикТок“ кој е преплавен со видеа на жени кои вбризгуваат ботокс во вратот во обид повеќе да личат на легендарната пластична кукла.
Жените ја фалат процедурата и го покажуваат својот напредок по инјектирањето на ботокс во трапезните мускули. Тие објавуваат и фотографии пред и по добивањето инјекција во трапезните мускули.
Поддржувачите велат дека трендот „Барби ботокс“ не само што им го направил вратот подолг и потенок, туку и дека „ја ублажува напнатоста“ и „го подобрува држењето на телото“.
Сепак, како што пренесува „Дејли мејл“, експертите предупредуваат дека оваа процедура може да ги оштети мускулите и да не предизвика исти ефекти за издолжување на вратот кај сите.
Ботоксот, за оние кои сè уште не знаат, е најпознатата марка на супстанцијата ботулински токсин, која се користи за парализирање на мускулите на лицето со цел да се намалат брчките. Работи така што го блокира сигналот помеѓу нервите и мускулите.