Дали мора да се покани на роденден цело одделение?

Родендените се исклучително важни за децата. И тоа, не оние што ни се важни нам. Првиот роденден кој родителите обично го организираат со задоволство, децата ниту го паметат ниту нешто разбираат. Исто така и следните неколку, до предучилишна возраст, кога тоа им станува навистина важно. И тогаш почнуваме да се прашуваме – дали навистина треба да го поканиме цело одделение на роденденската забава? Во поголемите градови класовите имаат 25 или повеќе ученици, а кога на таа бројка ќе се додадат браќата и сестрите, братучедите, другарите од маало, излегува дека се одржува роденденска забава за најмалку 30 деца. Дали е тоа навистина разумно? И дали е потребно?

И навистина, дали вие ги паметите своите родендени додека сте оделе во основно? Дали сте го канеле целото одделение на роденден или само најблиските другари? Се сеќавам дека сите носевме во школо нешто за да почестиме, најчесто некои чоколадни бонбони, а родендените ги славевме дома и на нив, освен две-три деца од одделение, обично викавме и неколку од маало. Толку. За син ми веќе работите се сменија. Почна да оди на речиси сите родендени, па така и ние моравме да го викаме цело одделение. Со таа разлика што тогаш веќе беа во тренд игротеките па и прославите веќе не беа дома.

Но точно е, јас имам само едно дете, па тоа не беше толкав проблем. Што е со оние родители кои имаат повеќе деца?

Една мајка на Scarymommy.com го постави токму ова прашање и ги повика родителите да престанат со оваа практика.

„Можеме ли да престанеме да го покануваме целото одделение на роденденски забави?! Пред да ме наречете бесчувствителна, дозволете ми да ве уверам дека разбирам зошто постои овој феномен“, започнала да го образложува својот став на оваа тема мајката Сем Дејвидсон, а потоа продолжила: „Додека децата се мали, важно е да се чувствуваат како дел од заедницата. дека не се изоставени. Ја разбирам важноста да се биде инклузивен и да се избегнуваат ситуации кои потенцијално би можеле да доведат до повреда на некои деца затоа што не биле вклучени“.

Но, оваа мајка поставила и логично прашање – што е со родителите кои имаат три или повеќе деца? Дали треба да ги носат децата на сите тие роденденски забави и да прават исто толку големи забави за сите нивни деца?

„За мене, тоа се околу 40 потенцијални роденденски забави – плус неколку за моето дете од предучилишна возраст и за моето дете-средношколец. Потенцијално 40 ознаки на календарот, 40 развозувања и превезувања, 40 можни барања да останам и да се дружам со родители што не ги познавам, 40 подароци за купување. Не можам да ги постигнам ниту сите училишни, спортски и домашни активности“, вели оваа мајка.

Дали сето тоа воопшто има смисла? Дали детето треба да оди на повеќе од 20 родендени годишно? И дали на детето што слави роденден му се потребни пријатели со кои ретко или никогаш не игра? И во ред, ќе одите на родендените на кои можете, но што е кога ќе дојде роденденот на вашето дете? Можеби некој едноставно не може да си дозволи да покани повеќе од 20 деца на роденденска забава. И сосема е во ред да не поканите, но ако сите ги канат сите (или скоро сите) а вашето дете не, тогаш што?

Практиката да се покани цела група на роденден е понова и сосема бесмислена. Дефинитивно треба да ги научиме децата на емпатија, а ако има некој во класот кој поради која било причина е избегнуван, повикајте го, заедно со децата со кои се дружи вашето дете. Но, невозможно е на кое било дете да му требаат 25 пријатели на неговиот роденден. Тоа се прослави кои губат смисла, ги исцрпуваат родителите, го оптоваруваат буџетот и поставуваат нереални стандарди.

До десет навистина добри пријатели заедно со блиските роднини се повеќе од доволни за прослава во која детето ќе ужива.

децапрославиродендени