„Zara death pants“ – така корисниците на социјалните мрежи ги нарекоа популарните широки панталони на брендот „Зара“, кои во последните недели станаа вирален феномен поради бројните видеа од луѓе кои се сопнале додека ги носеле.
Станува збор за модел со широки ногавици, висок струк, еластичен појас и предни џебови. Со цена од 25,99 фунти, тие изгледаат како идеален избор за летните горештини – лесни, удобни и во согласност со актуелните модни трендови.
Но, според она што може да се види на социјалните мрежи, со нив треба да се биде внимателен.
Инфлуенсерката Џесика Пирс објави видео на Тик-Ток во кое паѓа со лицето на стазата по која чекори, коментирајќи: Панталоните од Зара ќе ве убијат!
Друг вирален пример е Боливијката Камила Рибера Рока, која снимила како се сопнува на тротоар, а потоа им ја покажала изгребаната рака на повеќе од милион гледачи.
Низ социјалните мрежи се појавија уште многу слични приказни. Канаѓанката Елин Коста за CBC News изјавила дека при пад носејќи ги овие панталони си го скршила зглобот и го повредила лицето. Друга корисничка, Моргана, покрај изгребано колено останала и без мобилен телефон кој бил оштетен при падот. Нејзиното видео има повеќе од 2,3 милиони прегледи.
Една жена дури објавила дека ногавицата ѝ се заглавила во механизмот на ескалатор, при што панталоните ѝ се спуштиле до бутовите.
Токму поради ваквите инциденти, овој модел панталони доби прекари како „смртоносни панталони“ и „Зара панталони на смртта“. Особено често се спомнуваат широките палазо-модели, кои многумина ги сметаат за најризични.
Според корисниците и модните експерти, проблемот е во големата количина ткаенина. Додека се движат, ногавиците можат да се замотаат една околу друга или околу стапалата и глуждовите, што ја зголемува веројатноста за сопнување.
Стилистката Клер Чемберс за „Метро“ објаснила дека ризикот расте со ширината на ногавиците.
– Колку е поширока ногавицата, толку е поголема веројатноста да се закачи или да се замота околу другата нога или стапало, предизвикувајќи сопнување и пад – вели таа.
Од „Зара“ засега не дале официјален коментар и покрај бројните новинарски прашања.
Во меѓувреме, некои корисници на Тик-Ток предлагаат практични решенија – ногавиците да се собираат со ластичиња околу глуждовите или да се носат со повисоки потпетици за да не ја допираат земјата.
Сепак, како што забележуваат многумина во коментарите, и високите потпетици имаат своја репутација кога станува збор за модни незгоди.
Како и да е, широките панталони се хит на сезоната, но нивните сопственички можеби ќе треба малку повнимателно да чекорат.
Патем, да се сетиме на старите добри ѕвонарки што се носеа во 70-тите и 80-тите години. Ги шиевме кај шнајдери и обично ширина на нивните ногавици зависеше од тоа колку материјал сме донеле. Но колку и да имаше, секогаш им велевме: ногавиците нека бидат широки колку што има материјал. Тогаш немаше социјални мрежи, па ајде потсетете се сега дали сте имале некоја слична приказна како овие за панталоните на Зара?